Синодот на Всленската патријаршија ја тргна 55 годишната шизма од Македонската парвославна црква и одлучи да воспостави канонско и евхаристичко општење во македонските владици, свештениците и со народот, објави религија.мк
Тоа практично значи дека Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА и сега ќе може да сослужува со нејзе.
Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија меѓу другото се вели:
„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт. Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.
По повеќедеценискиот спор на МПЦ со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата црква од православниот свет, во април 2018 година Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија, Мајка Црква на сите православни „одлучи да се заземе за ова (т.е. за решавање на канонското прашање на нашата Црква) и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“.
Оттогаш и државниот врв упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.
Денеска, откако уште еднаш биле разгледани сите црковно-правни елементи, Патријархот Вартоломеј и неговиот Синод ја уважија молбата на нашата Црква и ја донесоа конечната одлука.
Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе МПЦ не во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви.
За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори. Ваквиот чекор на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква. Признавањето на каноничноста од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија