СЗО ја прогласи епидемијата на „Mpox“ (мајмунските сипаници) во делови од Африка како вонредна ситуација во јавното здравство од меѓународно значење.
„Вонредната ситуација во јавното здравство од меѓународно значење е највисоко ниво на аларм според меѓународното здравствено право“ напиша директорот на Светската здравствена организација (СЗО),Tedros Adhanom Ghebreyesus, на социјалната мрежа „Х“.
Оваа особено заразна болест, позната како мајмунски сипаници, беше причината за смрт на 450 луѓе во Демократската Република Конго, а сега се прошири во делови од централна и источна Африка, а научниците ги загрижува брзото ширење на новата варијанта од оваа болест како и високата стапка на смртност.
Болеста (mpox), се пренесува преку близок меѓучовечки контакт, како што е сексуален однос, допирањето на кожа со кожа, преку разговор или дишење на мала оддалеченост од заболениот. Предизвикува осип и симптоми слични на грип, може да биде смртоносен, со тоа што четири од 100 случаи резултираат со смрт. Иако секој човек може да заболи од оваа болест, епидемијата беше главно концентрирана помеѓу мажи коишто имале сексуален однос со друг маж.
Постојат два главни вида на болеста (mpox), тоа се „Clade 1 и Clade 2“. За прв пат вонредна ситуација во јавното здравство поврзана со оваа болест беше прогласена во 2022 година и беше предизвикана од релативно блага варијанта на болеста (Clade 2). Меѓутоа овој пат далеку посмртоносната варијанта „Clade 1“ којашто предизвика смрт кај 10% од заболените забрзано се шири. Промената во вирусот се случи во септември мината година. Мутациите доведоа до појава на нов подвид на болеста наречен „Clade 1b“ којашто оттогаш наваму забрзано се шири и одредени научници го имаат означено „како најопасен до сега“.
Од почетокот на оваа година, забележани се 13, 700 случаи на „mpox“ во ДР Конго, а болеста е забележана и во други африкански земји како што се: Бурунди, Централноафриканска република, Кенија и Руанда.
„СЗО во наредните денови и недели ќе работи посветено за да го координира глобалниот одговор, блиску да соработува со секоја од погодените држави користејќи го нашето присуство на терен, за да го спречиме преносот на болеста, како и да ги лекуваме заразените и да ги спасуваме нивните животи“, изјави шефот на СЗО.
СЗО вели дека има издвоено 1,45 милиони долари од фондот за вонредни состојби на организацијата, а планираат да издвојат уште финансиски средства во наредните денови, за справувањето со оваа опасна болест.