strumica denes logo

ЃОРЃИ ТАНУШЕВ: ВЕТАР НА ПРОМЕНИ – ОВАА НЕДЕЛА СТРУМИЧАНИ ОДЛУЧУВААТ КОЛКУ И КАКВИ ПРОМЕНИ ЌЕ ИМА ВО НАШАТА ОПШТИНА!

Автор:

Датум:

октомври 15, 2021

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

октомври 15, 2021

Категории:

Струмица

ВЕТАР НА ПРОМЕНИ 🌪
(Пишува Ѓорѓи Танушев)

Почитувани сограѓани,
Оваа НЕДЕЛА ќе одлучите колку и какви промени ќе има во нашата општина. Во недела ќе гласате единствено со вашата совест, разум и надеж дека гласот кој го давате ќе придонесе за подобар и поправичен живот во нашата општина.

Запрашајте се дали сте задоволни од реалноста во која живеете, дали сте задоволни од менаџирањето на општината и работата на општинските служби и јавни претпријатија, запрашајте се дали навистина живеете во светот од програмите кои ви беа прикажувани на сите избори досега, и најважното нешто – запрашајте се дали и понатаму им верувате?

Нервозата на големите партиите на овие локални избори е огромна поради низа факти кои придонесуваат за непредвидливост на нивните досегашни математики, но пред се поради:

– нивниот огромен багаж во форма на 30 години најлошо управување со државата ✔️
– огромната неодреденост кај гласачите и рекордно слабиот рејтинг на партиите ✔️
– појавата на независните листи од активисти и граѓани кои со години се борат за општествени каузи ✔️
– јавната свесност за неуспехот да се реализираат ветувањата кои само се повторуваат како расипана грамафонска плоча ✔️

Во вакви услови партиите прибегнуваат кон меки и тврди притисоци сè со цел на денот на изборите да добијат што повеќе гласови без разлика на заслугите. Затоа ќе ве тераат да гласате во точно определени временски термини, ќе ве вадат на гласање со СМС и повици, ќе ве покануваат преку роднини и пријатели, можеби ќе ви даваат и пари или производи итн… Едноставно ќе сакаат да бидат сигурни дека го добиле вашиот глас – а потоа ќе ве остават на мир до следните избори.

Сепак постои еден момент од кои сите партии се плашат зошто не може да се контролира – тоа е моментот на гласање и се уште не постои начин за ниту една партија да знае кој за кого гласал зад изборниот параван. Посебно во услови на голем број на листи тоа е практично невозможно. Тоа е вистинскиот страв на партиите и тие воопшто не сакаат ова да биде познато.
Затоа, повторувам, кога ќе дојдете зад параванот гласајте како ви налага совеста и разумот, а не стравот. Не можете да се надевате на подобар живот ако постојано избирате со страв наместо со совест и разум.

Ние од “СТИГА Е!” одамна го победивме стравот и не се плашиме јавно да ги кажеме работите онакви какви што се навистина, без разлика кој е на власт или колку може да чини кажувањето на вистината.

Трошокот на лагите веќе сите го гледате и чувствувате, но не сакаме да си признаеме дека единствени виновници за тој трошок сме сите ние кои досега дозволувавме на изборниот ден бидеме заведени од оние кои јасно ги гледавме како едно зборуваат, сосема друго прават, а којзнае што мислат…

Имаме знаење, сила, интегритет и мотивација за да ги промениме работите во општината, од гласачите бараме доверба и поддршка за реализација на нашите заложби кои се истакнати во програмите. Со наше присуство во советите на општините, ништо повеќе нема да биде исто како што било, а избраниот градоначалник воопшто нема да биде рамнодушен кон нас и новата енергија која ја носиме. Граѓаните знаат за нашата ревност и борбеност со рудникот и загадувачите во еколошките теми.

После изборите граѓаните ќе бидат сведоци дека ветрот на промени ќе почне да дува со ревност и борбеност кои ќе ги пренесеме во општината и внатре во институциите.
Затоа што не постои друг начин да се променат работите!

СТИГА Е! 🎯

Заокружи:
Група избирачи – Ѓорѓи Танушев 120, за општина Струмица
Група избирачи – Стојанчо Велков 124, за општина Босилово
Група избирачи – Костадин Ристоманов 123, за општина Ново Село

➲ целата програма на СТИГАЕ!: tinyurl.com/4y83rnda