strumica denes logo

ФОКУС: Веќе 12 дена се трага по Стојан од струмичко, човекот со неверојатна животна приказна кој беше исчезнат и како дете!

Автор:

Датум:

февруари 18, 2024

Автор:

Датум:

февруари 18, 2024

Објава на ФОКУС.МК:

Цели 12 дена трае агонијата на семејството Колеви од струмичко Радово, откако нивниот татко Стојан на четврти февруари излегол од дома со велосипед и му се изгубил секаков траг. Како што раскажува за ,,Фокус” неговиот син Ѓорѓи, инаку полициски службеник во пензија, во тек на својот работен век не сретнал сличен случај и фамилијата речиси две недели била превознемирена.

-Татко ми има 78 години, физички здрав човек, подвижен, си имаше своја рутина, секој ден одеше кај роднини, одеше во продавница. Имаше склероза, но тоа не беше причина да седи дома, сакше да излезе, најчесто со велосипедот, да ги посети сестра ми, тетка ми, вујкото. Потоа, уредно се враќаше дома.

Тоа утро, на 4-ти феруари, го зел велосипедот и излегол, и повеќе не се врати назад.

Ги проверивме камерите во нашиот дом, последно е забележан на нашите камери, како и на камерите на соседите, во 7.34 часот. Потоа, му се губи траг, едноставно го снемува. Сите камери во селото се проверени, од она кое може да се забележи, тој не излегува на асфалт, односно претпоставка е дека не излегол од селото.

Ангажиравме огромен број на луѓе да го бараат, полициски службеници трагаа, ловџии, со дронови баравме, се донесе и куче трагач, со мотори и четирицикли луѓе пребаруваа, се вклучија многу доброволци. Како да пропаднал во земја! Ниту велосипедот не можевме да го најдеме. Сите полиња се пребарани, значи насекаде е превртен секој камен, татко ми го нема- раскажува синот.

Додава дека неговиот татко Стојан цел живот се занимавал со земјоделие и со продажба на земјоделски производи, го познавале сите во околината, и имал среден живот, опкружен со фамилијата.

Она кое е впечатливо, како што појаснува, е животната приказна на Стојан, за која знаеле сите во Струмица.

-Татко ми е роден во село Владимирово. Кога имал три години, исчезнал и сите од селото го барале. Неговата мајка во очај рекла дека ако го пронајдат жив и здрав, ќе го дадат на посвојување на семејство кое нема деца, како еден вид на благодарност кон Бог што останал жив. На третиот ден од исчезнувањето, тој бил пронајден скриен во некои кошници, жив и здрав, а родителите си го исполниле аманетот и го дале на посвојување кај семејство во село Радово, каде и го поминал животот.

Сите ја знаат неговата неверојатна животна приказна. Тој остана во контакт со биолошкото семејство, а имаше и добар живот со семејството кое го посвоило. Затоа, бидејќи имаше склероза, помислувам случајно да не е во Владимирово, па би апелирал до тамошното население, доколку некој го забележал, веднаш да ни јави – вели синот.

За исчезнувањето, потенцира дека било уредно пријавено во полиција, но фотографијата од неговиот татко се уште и по 12 дена не е објавена на страницата за исчезнати лица на МВР. Смета дека доколку информацијата и фотографијата се прошират насекаде, поголеми се шансите за пронаоѓање, во случај некој да го имал забележано.

-Додека ги проверуваме сите камери од селото, во очи ми падна едно возило од друго село, кое помина со подотворен багажник, околу 8.30 часот. Не се гледа добро на снимките што има во багажникот, дали можеби тоа е велосипедот на татко ми, и барав надлежните институции да извршат проверка на моите сомненија, оти дознавме и кој е сопственикот на возилото. Веќе неколку дена чекам да ми јават дали откриле нешто во тој правец…

Не знаеме што да мислиме, како полициски службеник сум работел на случаи со исчезнати лица, секогаш имало некој сведок, некој нешто видел, слушнал, ова со татко ми е енигма. Го снемува со велосипедот од мало село, и никако не може да му се влезе во траг- вели Ѓорѓи.

Додава дека неговиот татко бил облечен во црно палто, црни пантолони и носел плава спортска капа кога исчезнал. Предната гума на велосипедот била дупната, па затоа и не верува дека далеку можел да стигне со него. Станувало збор за женски велосипед, со сива боја, а на кормилото имало црн заштитен сунѓер.

Доколку некој има било каква информација за случајот, може да се јави во полиција, или пак кај Ѓорѓи на 078 456 944.