strumica denes logo

„ФАКУЛТЕТИ“ ПИШУВА ЗА НАШИТЕ ТАЛЕНТИРАНИ СТРУМИЧАНКИ БИЛЈАНА ВИТАНОВА И СИМОНА МИТРЕВА: Каде ја гледаат перспективата најдобрите на државната матура?

Автор:

Датум:

септември 24, 2021

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

септември 24, 2021

Категории:

Струмица

Според нивните резултати од средното училиште и на испитите од државната матура, нема сомнеж дека ќе бидат успешни студенти. Вака ја започнуваат веста факултети.мк во која пишуваат и за нашите две талентирани струмичанки Билјана Витанова и Симона Митрова од СОУ „ЈАНЕ САНДАНСКИ“. Разговараат за нивните планови и што понатаму.

Билјана ќе студира во Словенија

Билјана Витанова завршила средно училиште во гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица. Се запишала на Факултетот за компјутерски науки и информатика во Љубљана, Словенија.

– Уште кога се одлучив што сакам да студирам и што е тоа што сакам да го изучувам, ја разгледував можноста за упис на тој факултет. За мојата насока, конкуренцијата беше прилично голема, односно за упис на странски студенти имаше 15 места. Студиската програма што ја нуди факултетот сметам дека ќе ми даде голем број знаења и вештини и ќе ми помогне во развојот на моето идно занимање – вели Билјана.

Засега не размислува за нејзината подалечна иднина зашто приоритет ѝ е студирањето да ги исполни нејзините очекувања и желби и да биде успешно.

– Моето студирање и дооформување на високото образование секако ќе биде надвор од земјата, а понатаму времето ќе покаже како ќе се надградувам професионално – вели таа.

Високиот резултат постигнат на државна матура на математика се должи, пред сè, на нејзиното континуирано учење математика.

– Баба ми како искусен математичар уште од малечка ме учеше на дисциплина во решавањето задачи. Секако, тука се трудот и посветеноста на моите наставници по математика, почнувајќи од мојата учителка, па сè до моите професори во гимназијата. Но, за изборот на факултет не беше пресудна само љубовта кон математиката, туку повеќе би кажала тоа беше љубовта кон програмирањето, кое се појави подоцна во средно училиште и за чиј развој и желба е заслужна мојата професорка. Како што знаеше да каже таа, да се биде успешен програмер, неопходно е да се биде добар математичар и логичар – посочува Билјана.

Својата идна професија ја гледа поврзана со компјутерите и програмирањето.

– Интерес ми е изучувањето алгоритми, нивна конструкција и оптимизација, дискусии и како една задача може да се реши на различни начини и слично. Но, во полето на интерес се и математиката и физиката. Па ќе видиме каков спој може да произлезе од тие три области – заклучува таа.

Симона сака да биде аналитичар на менаџмент

Струмичанката Симона Митрева, исто како и нејзината соученичка, своето образование го завршила во средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица. Секоја година била одличен ученик. Таа е меѓу првите пет матуранти што добиле највисоки оценки по математика на државната матура.

– Уште од основно училиште мојот класен раководител ми предаваше математика, исто така и класниот во средно, па можам да кажам дека преку нив ја стекнав љубовта кон математиката – вели Симона.

За студии го избрала Економскиот факултет во Скопје бидејќи, според неа, тоа е една од професиите во кои се замислувала уште од мали нозе.

– Во иднина се гледам како успешно дипломиран економист, а потоа имам желба да работам како аналитичар на менаџмент во некоја компанија – додава таа.

Професионалната кариера ја гледа во земјава, но не ја исклучува можноста и да се случат одредени промени.

– Мислам дека можам одлично да ја градам својата професионална кариера и во нашата земја – одговара Симона.