ЕВН ќе наплаќа струја помалку од големите згради!

февруари 18, 2024

Заедниците на станари и управителите на колективните домувања од оваа година може да плаќаат помалку за струја, бидејќи заедничкото броило од зградите „ќе наплаќа“ електрична енергија по тарифа само од третиот блок. Според новиот тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите што ги снабдува универзалниот снабдувач, ЕВН Хоме ќе може да наплаќа само според третата тарифа, односно потрошувачката нема да навлегува во скапиот четврт блок како кај домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар, објави порталот Фактор.

Од Регулаторната комисија за енергетика, според првичните проекции што ги имаат направено, велат дека со промената на тарифникот, некои станбени колективи ќе заштедат и до 50 отсто на заедничките фактури.

– Разликата во сумата варира во зависност од број на станбени единици во рамки на повеќестанбените објекти како и периодот за кој се однесува пресметката од аспект на годишно време и од аспект на моментално применливите тарифи за секој од блоковите. Кај повеќестанбените објекти со поголем број станбени единици примената за третиот блок придонесува за намалување на надоместокот и за над 50 проценти. Заштедите се поголеми и кај оние повеќестанбените објекти што во зимскиот период имаат трошок за електрична енергија и за топлински станици – објаснуваат од РКЕ за Фактор.мк.

За граѓаните ова ќе биде добредојдено, бидејќи енергетската криза често за нив значеше и големо намалување на заедничкиот фонд за инвестиции во зградите во кои што стануваат. Од регулаторот велат дека една од позитивните работи на антикризните мерки е и воведувањето на блок-тарифите, бидејќи до нив биле доставувани голем голем број претставки за високата наплата за повеќестанбените објекти.

– Имајќи предвид дека потрошувачката на енергија наменета за заедничка потрошувачка е значително поголема од онаа на едно домаќинство, како и неможноста да се влијае во голема мера врз навиките на потрошувачите при употребата на електричната енергија за заедничка потрошувачка ја направивме соодветна измена во Тарифниот систем. Ваквата реформа значи поевтинување на надоместокот за таканаречената заедничка потрошувачка за најголемиот дел од станбените згради -сметаат од РКЕ и додаваат дека најголем дел од повеќестанбените објекти влегуваат во четвртиот блок, а со исклучок од ова правило се само градбите со мал број на станбени единици кои не користат лифт, немаат топлински станици, и слични уреди кои ја зголемуваат потрошувачката на електрична енергија.

И од ЕВН Хоме потврдуваат дека е променет начинот на наплата, но им порачуваат на управителите дека тоа треба да го пријават.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ