Брзиот начин на живот влијае врз развојот на децата.
Секојдневниот начин на живот, наутро брзање на работа, отсутност од дома, враќање во домот, започнување со домашни обврски без да дадеме значење на децата влијае врз развојот на детето.
Децата поголемиот дел го поминуваат сами дома, со седење пред телевизиските екрани, компјутерите,телефонските уреди. Сето тоа влијае врз развојот на децата, когнитивните способности, емоционалниот развој и социјалната интеракција.
Наша задача е кога ќе се вратиме од работа, по завршување на домашните обврски, пладневната почивка, да поминеме еден-два часа во разговор и дружба со децата. Во тој момент важен е физичкиот контакт, контактот со очите, допирот, детето да почувствува топлина, родителска љубов. Детето да биде ислушено, да почувствува сигурност.
Полезно е разговорот да продолжи надвор, на вечерна прошетка-пешачење. Тоа ќе му го подобри ноќниот сон. Разговорот да продолжи во позитивн конотација и насмевка. Децата сакаат кога ннивните родители се позитивни и се насмевнуваат.
Во секојдневните работи забораваме да се насмевнуваме на децата.Тие се наш потсетник со тоа што ќе дојдат и со рацете ќе не допрат на усните и ќе ни помогнат да се насмевнеме.
Квалитетното време поминато со децата ќе влијае позитивно на нив, на однесувањето, идентификацијата. Взаемната дружба ќе направи блискост, ослободување, да се отворат пред нас, да разговараат на различни теми. Од една страна ќе чувствуваат авторитет, од друга страна другарство.
Затоа да оставиме дел од домашните обврски за следниот ден, а тој дел од денот да го поминеме со децата. Тоа ќе влијае на нивниот раст, ќе влијае во какви личности ќе пораснат, а сето тоа зависи од нас, родителите.
Секое квалитетно време поминато со нив е награда за добро изградено дете, во понатамошни години во добар граѓанин, добар родител. Зошто родителскиот пример трансгенерациски се пренесува. Да се подобриме во родителските улоги за да имаме понатамошни квалитетни поколенија.
ПИШУВА: ЕЛЕНА ЈОВАНОВСКА, ДИПЛОМИРАН СОЦИЈАЛЕН РАБОТНИК (СЕМЕЕН СИСТЕМСКИ СОВЕТНИК).