„ЏАМБО АГУШЕВИ ОРКЕСТАР“ НА „ОФФЕСТ“

јуни 6, 2019

Унгарскиот бенд „Сондорго“, кој се смета за еден од водечките претставници на тамбурашката музика од Унгарија, и „Џамбо Агушеви оркестар“ од Македонија, вечер ќе одржат концерти во рамките на 18. „Оффест“.

Концертот на унгарскиот бенд ќе се одржи во Дансинг-салата во МКЦ со почетокот во 20 часот, а „Џамбо Агушеви оркестар“ ќе настапи два часа подоцна на истата бина.

„Сондорго“ е формиран од браќата Арон и Бенџамин Ередиќ кон средината на 90-тите години во Сентендре (мал унгарски град во близина на Будимпешта со долгогодишна српска традиција). Овој возбудлив состав е посветен на изведувањето и промовирањето на јужнословенската фолк-музика собрана од Бела Барток и Тихомир Вујичиќ, популарна кај заедниците што живеат по должината на реката Дунав. Нивната мисија е да ги оживеат скриените скапоцени камења на разните балкански звуци.

Но, за разлика од повеќето групи што свират балканска музика, „Сондорго“ не изведува музика за дувачки оркестар, туку тамбурашка музика со извонредна техничка виртуозност и свежа интерпретација. Постојано присутни на унгарските и европските фестивали континуирано настапуваат и со познатиот македонски саксофонист Ферус Мустафов – плод на оваа соработка е нивниот заеднички албум Sondorgo & Ferus Mustafov In Concert (2009). Она што „Сондорго“ совршено го комбинираат е почитта кон традициите, желбата за иновација и блескавата незапирлива виртуозност.

„Џамбо Агушеви оркесторот“ е дувачки оркестар од Македонија, кој денес се смета за еден од најдобрите на Балканот. Музиката што виртуозно ја изведуваат може да се дефинира како своевидна фузија на традиционалните балкански, ромски и турски звуци со влијанијата на свинг, џез, поп и филмската музика. Од скромните почетоци во малата Струмица до освојување на сцените на целата планета оркестарот прерасна во врвна атракција на светската музичка сцена.

Лидерот Џамбо Агушев, познат и по прекарот the funky tiger, е најпрославениот македонски музичар по заминувањето на Есма Реџепова, но тој, сепак, нема намера да подзаспива на ловориките на славата заработувајќи вистинско богатство со свирење раскошни свадби и големи фестивали. Младиот виртуоз не беше задоволен со таквата кариера и оттогаш гледа како да ја одржи, развие и продлабочи репутацијата што тој и неговиот бенд ја имаат како музичари пар екселанс освојувајќи ја публиката во Европа и пошироко. На тој начин тие стекнаа голем број обожаватели.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ