strumica denes logo

ДОСТА ИСПЛАТЛИВО: Собирачите на полжави заработуваат и до 1.000 евра во сезона!

Автор:

Датум:

март 6, 2024

Автор:

Датум:

март 6, 2024

Во дождливите денови природата се пробудува, а со неа и полжавите. За некои, ова е шанса да заработат некој денар плус.

Собирачите на полжави, иако со текот на годините нивниот број се намалува, обично се средовечни луѓе со искуство и знаење, но во последно време не е воопшто чудно да се видат и млади лица како собираат полжави и ги продаваат.

Тие редовно собираат полжави на терените каде што знаат дека може да ги најдат.

Колку може да се заработи?

За килограм полжави, собирачите добиваат од 30 до 35 денари. Во сезоната, која трае околу 20 до 25 дена, некои успеваат да соберат и до 100 килограми на ден.

Ако земеме просечна откупна цена од 30 денари, еден собирач на полжави дневно може да заработи и до 3.000 денари. Или, доколку сакаме да ја пресметаме сезонската заработувачка на овие луѓе, таа во просек изнесува околу 1.000 евра.

Пролетните денови се најпогодни за собирање на полжави, особено кога времето е дождливо. По дождот, полжавите се раздвижуваат по дворови, во природа, ги има насекаде.

Денар.мк на оваа тема разговараше со откупувач на полжави од Скопје.

„Имаме собирачи скоро од цела Македонија. Во Гевгелија и Струмица, во тој крај се зафатени со земјоделство и таму скоро и да не се собираат полжави. Собирачи на полжави најмногу има во Крива Паланка, Куманово, Кратово, Пробиштип, Штип, Кочани и други градови. Важно е полжавите да се стават во мрежеста вреќа и да бидат живи. Собраните полжави завршуваат во фабрика за преработка. Сезоната за собирање на полжави трае најмногу околу 1 месец, април и мај се најпогодни. Делумно активноста продолжува и до средината на јуни“, вели Енис К., организатор на откуп на полжави.

Со парите заработени од собирање на полжави, граѓаните можат да го надополнат својот семеен буџет. Многу семејства во земјава се трудат да заработат и од собирање на билки, шумски плодови, печурки…

Па така, дождливите денови не само што ја освежуваат природата, туку и овозможуваат еден поинаков вид на заработка за собирачите на полжави.