Близу две третини од граѓаните сметаат дека родот не е променлива категорија и дека тоа не зависи од личното чувство на човекот, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според неа, 64,7% од граѓаните сметаат дека родот не е променлива категорија во која има повеќе родови во зависност од личното чувство на поединецот, односно дека постојат само мажи и жени. 17,3% од анкетираните велат дека родот сепак е променлива категорија во која секој може да се чувствува како што сака.
Точно 57,3% од анкетираните велат дека не би поддржале закон кој ќе гарантира еднакви можности на секој поединец без разлика на полот и родовиот идентитет вклучувајќи ги и трансродните и не бинарни лица. 18,6% пак немаат проблем да поддржат вакво законско решение.
Наспроти овие ставови, граѓаните немаат проблем со поддршка на законски решенија кои нудат еднакви можности и на мажите и на жените. Три четвртини од нив или 75,8% велат дека би поддржале законско решение кое ќе гарантира еднакви можности на секој поединец без разлика на полот, додека 11,5% не би дале поддршка.
Нема големи разлики меѓу ставовите на Македонците и етничките Албанци по ова прашање. 73% Македонци даваат поддршка а 12% се против. Кај етничките Албанци поддршка даваат 84,5% а против се 9,8%.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена од 28 февруари до 3 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1107 испитаници.