Депресијата и анксиозноста се зголемиле за 25% во првата година од пандемијата

јуни 21, 2022

Светската здравствена организација (СЗО) повика на глобална трансформација во грижата за менталното здравје по повод објавувањето на најголемиот светски извештај за менталното здравје од почетокот на векот.

Извештајот покажува дека депресијата и анксиозноста се зголемиле за 25 отсто во првата година од пандемијата на коронавирус.

Речиси милијарда луѓе, или речиси еден од осум луѓе во светот, живееле во 2019 година, пред пандемијата, со ментални здравствени проблеми, а луѓето со тешки ментални болести умираат 10 до 20 години порано од остатокот од населението, предупредува извештајот. .

СЗО предупредува дека инвестициите во менталното здравје не се зголемени во годините на пандемијата, така што само два отсто од националните буџети биле посветени на менталното здравје, или помалку од еден процент од целата меѓународна помош.

Марк Ван Омерен од Одделот за ментално здравје на СЗО изјавил дека извештајот предупредува на огромно страдање ширум светот, според Франс прес. Се посочува дека ситуацијата е уште потешка за луѓето кои живеат во конфликтните зони, каде што се проценува дека секој петти човек страда од ментален проблем.

Младите, жените и луѓето кои веќе имаат проблеми со менталното здравје биле најтешко погодени од Ковид и од ограничувањата наметнати од владите. Извештајот предупредува и на големите разлики меѓу земјите кога станува збор за пристапот до менталното здравје, пишува Франс прес.

Повеќе од 70 отсто од луѓето кои страдаат од психоза примаат терапија во земјите со високи приходи, но само 12 отсто во земјите со низок приход. Извештајот повикува да се стави крај на стигматизацијата на менталните болести и се забележува дека дури и денес, 20 земји ширум светот ги криминализираат обидите за самоубиство.

Некои од најзначајните причини за депресија се сексуалната злоупотреба и злоупотребата на деца, се вели во извештајот, во кој се повикува да се решат преку социјална грижа, поддршка за семејствата на кои им е потребна и програми за социјално и емоционално образование во училиштата. Социјалните и економските нееднаквости, војната, климатската криза и здравствените закани како што се пандемиите се наведуваат како фактори на ризик за менталните болести.

„Секој од нас има контакт со некој кој има проблеми со менталното здравје. Доброто ментално здравје значи и добро физичко здравје и овој нов извештај дава убедлив аргумент за промена“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус. „Инвестирањето во менталното здравје е инвестирање во подобар живот и иднина за сите“, истакнал Гебрејезус.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ