strumica denes logo

Денес се празнува Светиот маченик Арета

Автор:

Датум:

ноември 6, 2023

Автор:

Датум:

ноември 6, 2023

Овој свет маченик пострада за Христовата вера заедно со уште над четири илјади христијани, свештеници, монаси и монахињи, мирјани, жени и деца. Арета беше управител на градот Негран, во земјата Омиритска (јужна Арабија) и имаше деведесет и пет години кога пострада. Со Омиритската земја тогаш владееше еден Евреин, Дунаан, свиреп гонител на христијаните. Решен наполно да ги истреби христијаните од својата земја, тој го опколи христијанскиот град Негран и најпрво им порача на граѓаните дека ако не се одречат од Христа сите ќе ги убие. Граѓаните ги затворија портите, па Дунаан безуспешно напаѓаше на градските ѕидини. Тогаш беззакониот кнез им се заколна на граѓаните дека нема да им направи ништо, само ако му ги отворат портите за да влезе и да го собере данокот што му го должеа, па потоа веднаш ќе се оддалечи. Христијаните поверуваа и ги отворија портите. Тогаш кривоклетниот Евреин го повика кај себе старецот Арета со сите клирици и другите угледни граѓани и сите ги уби со меч. А потоа направи страшен колеж по градот. Кога слушна за ова византискиот цар Јустин многу се нажали и му напиша писмо на етиопскиот цар Елезвој да појде со војска против Дунаан и да ја одмазди невината христијанска крв. Елезвој го послуша Јустин, удри со војска на омиритскиот кнез, го победи, му ја погуби целата војска, а него го уби со меч. За Омиритски кнез по Божјо откровение беше поставен некој побожен човек Аврамиј, а за архиепископ Омиритски, повторно по Божјо откровение – свети Григориј (се слави на 19 декември). Христијаните во Негран го обновија храмот на Света Троица којшто Дунаан го беше изгорел и му подигнаа и посветија храм на светиот маченик Арета и на останатите Негрански маченици. Пострадаа и примија маченички венци во 523 година.