Денес се празнува Преподобната маченичка Евгенија и другите со неа

јануари 6, 2024

Ќерка на Филип, којшто беше епарх на целиот Египет. Родена е во Рим. Во тоа време христијаните беа прогонувани од Александрија и живееја надвор од градот. Девицата Евгенија ги посетуваше христијаните и со сето срце ја прими нивната вера. Побегна од родителите и со двајца свои верни евнуси се крсти од епископот Елиј, па преоблечена во машка облека стапи во еден машки манастир и таму прими монашки чин. Толку го очисти своето срце со доброволен подвиг, што од Бога прими благодат на исцелување на болните. Така исцели една богата жена, Меланија. Но, потоа, истата жена, мислејќи дека Евгенија е машко, сакаше да ја навлече на телесен грев. Па, бидејќи Евгенија одлучно ја одби, оваа зла жена за одмазда отиде кај епархот и ја наклевети Евгенија исто онака како што некогаш Петефриевата жена го обвини целомудрениот Јосиф. Епархот нареди и сите монаси ги оковаа и ги фрлија во затвор заедно со Евгенија. Но, кога ја изведоа на суд, светата Евгенија му се покажа на татко ѝ како негова ќерка. Израдуван, Филип се крсти заедно со сиот негов дом. По ова беше избран за епископ на Александрија. Кога слушна за ова римскиот цар, испрати еден свиреп војвода Теренциј, којшто дојде во Александрија и тајно го уби Филип. Тогаш светата Евгенија заедно со мајка ѝ и со браќата се пресели во Рим. Таму храбро и ревносно ги обраќаше незнабошците во вистинската вера, особено девојките. Така, обрати и некоја прекрасна девојка Василија. Наскоро таа беше убиена за Христа, како што ѝ прорече света Евгенија. Тогаш ги убија и оние двајца евнуси, Прот и Јакинт. Најпосле дојде и маченичкиот крај на Света Евгенија. Од нејзиното присуство падна идолскиот храм на Дијана и се разурна. Мачителите најпрво ја фрлија во вода, а потоа во оган, но Бог ја спаси. Во затворот ѝ се јави Самиот Господ Исус и ѝ рече дека ќе пострада на самиот ден на Неговото Рождество. Така и стана. Ја убија со меч на 25 декември 262 година во Рим. После својата смрт, Света Евгенија ѝ се јави на својата мајка во голема слава и ја утеши.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ