Денес се празнува Преподобен Патапиј

декември 21, 2023

Роден е и воспитан во верата и во страв Божји во Тива Египетска од благоверни родители. Рано ја увиде и ја презре суетата на овој свет и се оддалечи во Египетската пустина, каде што се предаде на подвиг на очистување на своето срце од сите светски помисли и желби заради љубовта Божја. Но, кога неговите добродетели станаа познати меѓу луѓето, почнаа да му доаѓаат и од него да бараат ослободување од маките. Плашејќи се од човечката слава којашто го помрачува човечкиот ум и одвојува од Бога, Патапиј побегна од таа пустина во Цариград. Зашто овој чуден светител мислеше дека можеби полесно ќе се скрие од луѓето во градот одошто во пустината. Си направи колиба во близина на црквата Влахерна во Цариград и таму, затворен и непознат, го продолжи својот испоснички подвиг. Но, таа светлина не може да се скрие. Едно момче, слепо од раѓање, водено од Промислата Божја, дојде кај Патапиј и го замоли за молитва кон Бога за да прогледа и да го види созданието Божјо, та уште повеќе да Го прослави Создателот. Патапиј се смилува на страдалникот, Му се помоли на Бога и момчето прогледа. Ова чудо го откри богоугодникот во целата престолнина и луѓето тргнаа кај него по лек, утеха и поука. Еден прочуен човек Патапиј го исцели од водена болест само што го прекрсти и го помаза со елеј. Едно момче го ослободи од нечистиот дух што го мачеше луто, творејќи крст во воздухот. Демонот излезе од човекот како чад, испуштајќи голем крик. Една жена што имаше рана на градите, исполнета со црви, ја прекрсти и ја исцели. Многу други чуда пројави свети Патапиј со молитва, со името Христово и со знакот на Крстот. Се упокои во длабока старост и замина во Небесното Царство, во 7 век.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ