strumica denes logo

Денес е Ден на Светиот Дух

Автор:

Датум:

јуни 24, 2024

Автор:

Датум:

јуни 24, 2024

Во понеделникот по неделата на Педесетница, се совршува празнување во чест на Светиот Дух. Тој празник бил востановен од Црквата заради величање на Пресветиот и Животворен Дух, кој е еден од Светата и Живоначална Троица, како спротивставување на учењето на еретиците коишто го отфрлаа Божеството на Светиот Дух и Неговата единосуштност со Бог Отецот и Бог Синот. Светиот Дух е еден со Отецот и Синот во сè, затоа Он и совршува со Нив сè, бидејќи самовластен, сесилен и добар. Преку Него се подава секоја мудрост, живот, движење; Он е изворот на секој живот. Он има сè што имаат Отецот и Синот, освен нероденоста и роденоста, исходејќи од единиот Отец. Светиот Атанасиј говори: Духот Свети не е создаден од Отецот, не е створен, не е роден, туку исходи. Но, во што се состои исходењето на Светиот Дух од Отецот за нас е недостижно, исто како што е недостижно и раѓањето на Синот. Затоа Светата Православна Црква никогаш не се решила да ја подвргне таа тајна на Божеството на човечко расудување, туку секогаш ја исповедала, согласно со учењето на нашиот Спасител, Иисус Христос. Господ му открива на човекот толку колку што му е неопходно за негово спасение, та многу тајни остануваат за нас зад непроѕирна завеса. Обогатувајќи го човекот со духовни дарови, и растејќи во него духовни плодови, Светиот Дух го украсува човекот со многубројни добродетели, и го прави, согласно зборовите на Светото Писмо, добро дрво, кое дава добри плодови. Животот по Духот Свети јасно се забележува во плодовите на Духот, коишто се, според зборовите на Апостолот Павле: љубовта, радоста, мирот, долготрпението, добротата, милосрдието, верата, кротоста, воздржанието.