Првото издание на музичкиот фестивал СФЕСТ, кој се одржа во организација на здружението „Мјузик Конектс Пипл“, беше повеќе од обично културно случување – фестивал што донесе свежа енергија во Струмица.
Организаторите од „Мјузик Конектс Пипл“ гордо истакнаа: „СФЕСТ се роди од желбата да внесеме свежина и креативност во градот.
Фестивалот успеа да собере публика од сите возрасти и да ја претвори Струмица во вистински музички центар. За време на двете фестивалски ноќи, градот живееше во посебен ритам, обединувајќи ги љубителите на рок, поп, електронска и алтернативна музика на едно место.
„СФЕСТ“ немаше да биде успешен без поддршката на локалната заедница, нашите партнери и, секако, Министерството за култура на Македонија, кое даде најголема поддршка во реализацијата.
Благодарноста оди и до сите занаетчии, мали бизниси и посетители кои беа дел од првото фестивалско издание и со својата енергија го направија овој настан посебен.

Вечери за паметење
Публиката имаше привилегија да ужива во музички настапи од најразлични жанрови. Посебно ќе останат запаметени моментите кога легендарниот Игор Џамбазов ја воодушеви струмичката публика со својот препознатлив шарм и настап кој ја крена енергијата.
Дадовме можност на 25 мали занаетчии и бизниси да учествуваат во нашата базар зона, каде што ја претставија својата ракотворба и уметнички производи. Оваа зона не беше само простор за продажба, туку вистински креативен собир каде традицијата се сретна со современите идеи.
Панел дискусиите беа со цел за подигање на свеста во заедницата, со теми како „Уметност која допира“ и „Можеме и од тука“, отворија важни разговори за потенцијалот на домашните таленти и можностите за развој без да се заминува далеку.
Исто така, организиравме и уникатна работилница за изработка на свеќи во природа, која го привлече вниманието и претстави неочекуван креативен предизвик за сите учесници.
Освен музичката програма и базар зоната, фестивалот понуди и богата уметничка содржина. Имавме изложба со дела од локални уметници на тема “СВЕСТ”

Потреба и вложување во културна иднина
Ваквите настани не се само забава – тие се доказ дека Струмица има потенцијал да биде културен центар што ќе привлекува посетители и ќе креира додадена вредност за целиот регион.
Организаторите јасно порачаа дека Струмица итно има потреба од вакви настани. СФЕСТ не беше само уште еден фестивал – тој е почеток на една нова ера за нашиот град, враќање на животот, културата и заедништвото. Иако СФЕСТ 2025 е веќе дел од минатото, енергијата, спомените и љубовта кон музиката што ги донесе ќе останат живи во срцата на струмичани долго време.
А највозбудливата вест е дека следното, второ издание на СФЕСТ ќе биде одржано од 24 до 26 јули 2026, со ветување за уште поголеми музички и културни доживувања.























