Под мотото „Сподели дел од твојата трпеза, нахрани гладен“, деновиве волонтери на Фондацијата „Елеуса“ поставија кошови за донации во повеќе маркети во Струмица и струмичко, со цел да им се помогне на социјално загрозените семејства и лица во пресрет на Христовото раѓање.
Кошовите се поставени во маркетите „Кит го“, „Црвена ружа“, „Стокомак“, „Хоризонт“, „Лаки“ и „Дарко“, како и во неколку колонијални дуќани во Дојран, меѓу кои „Фурка“ и „Николич“.
Од Фондацијата посочуваат дека акцијата е можност граѓаните со мал гест да направат голема разлика – со донација на прехранбени производи во маркетите, за нивните браќа и сестри достоинствено да го дочекаат празникот.
Акцијата е отворена за сите хумани граѓани кои сакаат да се вклучат и да подадат рака на оние на кои помошта им е најпотребна.



























