strumica denes logo

Д-Р НИКОЛА МАЏУНКОВ: Костадинов се однесува панично, сите му се криви, само не тој – Народот ја прочита неговата алчност, арогантност, неспособност и непрофесионалност!

Автор:

Датум:

мај 2, 2025

Автор:

Датум:

мај 2, 2025

Советникот во Советот на Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Никола Маџунков, преку своја јавна објава упати сериозни обвинувања кон градоначалникот Костадин Костадинов, обвинувајќи го за неработење, прикривање на прекршувања и селективна примена на законот на крајот од својот мандат.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ:
ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Според Маџунков, градоначалникот покажува панично однесување, поради страв од соочување со отчет пред граѓаните за сработеното во изминатите четири години. Тој го обвинува Костадинов дека целиот мандат го поминал во остварување на лични интереси, а сега, кога се бара одговорност, „сите му се криви, само не тој“.

„Паниката доаѓа од тоа што граѓаните веќе ја препознаа неговата алчност, арогантност, непрофесионалност и неспособност. Наместо да се повлече, сега се бори повторно да биде кандидат на следните локални избори“, истакнува Маџунков.

Тој нагласува дека суштинското прашање не е дали треба да се почитуваат законите и правилниците, туку зошто тие не биле спроведувани цели четири години. „Зошто градоначалникот дозволувал угостителски објекти да работат без соодветна правна основа, зошто инспекциските служби не излегувале на терен и зошто никој не сносел одговорност за тоа?“ – прашува советникот.

Маџунков потсетува дека токму советниците од ВМРО-ДПМНЕ повеќепати побарале зголемена активност на инспекциските служби, но одговорот од градоначалникот секогаш бил дека „нема доволен број инспектори“ или дека „не се надлежни“. Сега, кога се приближува крајот на мандатот, истите објекти кои со години биле толерирани, преку ноќ стануваат „незаконски“, посочува тој.

Дополнително, Маџунков се осврна и на поставувањето физичка бариера на велосипедската патека во старата чаршија, за која вели дека предизвикува револт кај трговците во тој дел од градот. Според него, тие изразиле загриженост преку петиција, укажувајќи дека бариерата ја нагрдува и прави чаршијата нефункционална.

„Овие луѓе сакаат да бидат слушнати од Советот на Општина Струмица, бидејќи од градоначалникот не добиваат никакво разбирање. Тоа е демократски принцип – гласот на граѓаните да се слуша и уважува“, порачува Маџунков.

Советникот повтори дека никој не е против велосипедски патеки или зона за побезбеден сообраќај, но истакна дека токму советничката група на ВМРО-ДПМНЕ повеќепати поднесувала предлог за „Зона 30“, кој бил одбиен од страна на Костадинов.

На крајот, Маџунков заклучува дека правдата не смее да биде селективна, ниту да се користи како средство во предизборна кампања. „Барањето на седница на Советот на Општина Струмица е првиот чекор кон враќање на довербата во институциите. Но, ако сакаме вистинска правда, најпрво мора да ја побараме од оние што најмногу ја злоупотребиле, а тоа е градоначалникот на Струмица“, нагласува тој.