Македонија во моментов има најниски цени на бензините во споредба со земјите од регионот, покажуваат актуелните споредби на малопродажните цени на горивата.
Во земјава, Еуросупер БС-95 се продава за околу 74,5 денари, односно 1,20 евра за литар, додека дизелот чини 71 денар. Во споредба со соседството, цените се значително пониски.
Во Грција бензинот 95 достигнува околу 1,76 евра, во Србија околу 1,57 евра, во Косово околу 1,38 евра, а во Бугарија околу 1,31 евро за литар. Повисоки цени се бележат и во Црна Гора, Хрватска и Словенија, каде горивата се движат од околу 1,33 до 1,46 евра за литар. Во Албанија, пак, цените се меѓу највисоките во регионот и надминуваат 1,90 евра за литар.
Споредбите покажуваат дека и покрај глобалните тензии и неизвесноста на енергетските пазари, Македонија засега го задржува најниското ниво на цени на бензините на Балканот.
Воедно, од надлежните институции било посочено дека состојбата со снабдувањето е стабилна и дека нема простор за паника, додека инспекциските служби ја следат состојбата на терен.



























