strumica denes logo

БРЗИТЕ КРЕДИТИ ПОД ЗАСИЛЕНА КОНТРОЛА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – НЕМА ВЕЌЕ ПОЗАЈМИЦИ НА „ЧЕСЕН ЗБОР“

Автор:

Датум:

април 15, 2024

Автор:

Датум:

април 15, 2024

Нема веќе брзи кредити на „чесен збор“. Министерството за финансии донесе правилник, со кој финансиските друштва или таканаречените продавници за пари имаат обврска да воспостават систем за управување со кредитен ризик. Што подразбира идентификување, мерење, контрола и следење на кредитниот ризик, што вклучува и процедури за процена на кредитната способност, за идентификација и ажурирање на податоците на клиентите. Со ова, според Финансии, се воспоставува системска контрола во работењето на овој вид друштва.

Ова значи дека кредит нема да се одобри на барател кој не е во можност да го поднесе задолжувањето и редовно да го сервисира. Или, пред склучување на договорот за кредит, финансиското друштво треба да ја процени кредитоспособноста врз основа на информациите што ги доставува лицето што бара позајмица, но и на релевантна надворешна база на податоци. Ако се покаже дека месечните обврски се над границата од 70 проценти од вкупните месечни приходи на барателот, тогаш барањето ќе биде одбиено. Со ова ќе се сузбива презадолженоста на граѓаните.

Исто така, со одредбите во правилникот граѓаните добиваат поголема заштита во поглед на злоупотребата на нивните лични податоци, што во досегашната пракса беше честа појава. Финансиското друштво при идентификација треба да обезбеди податоци од клиентот наведени во правилникот, кои стануваат дел од неговото кредитно досие и задолжително мора да се наведат и во апликацијата и во договорите за потрошувачки кредит.

Важно е и тоа што потрошувачките кредити повеќе не смеат да се одобруваат по електронски пат, доколку кој било податок во апликацијата или доставените докази се разликува од евидентираните во кредитното досие.

Овие промени произлегуваат од измените и дополнувањата на Законот за финансиските друштва, посочуваат од ресорното Министерство, со цел поголема заштита на граѓаните кои ги користат нивните услуги и зголемување на довербата во финансиските друштва, со што се зајакна и надзорот врз нивното работење.

Во регистарот на Министерството, ажуриран на трети месецов, заведени се 33 финансиски друштва. Појавата на ваков тип друштва законски е овозможена од 2010, но последниве години во таа дејност е забележлив раст. Се зголемува и бројот на лица кои ги бараат и користат нивните услуги, од над 14 илјади во 2015 на над 120 илјади. Притоа, има бројни примери на граѓани со лошо искуство – некои поради скриените трошоци, други заради злоупотребените податоци, па отплаќаа(т) кредити што никогаш не ги користеле. А, финансиските друштва ги гонат лицата на чие име се води позајмицата. Па, доколку некој почне да плаќа, тоа се смета како признание дека долгот е негов. Воедно, многумина кои не можеле редовно да го сервисираат заемот, дополнително се оптоварувани со казни, затоа што опомените испратени преку пораки се наплатуваат од 300 до 600 денари.

Инаку, во рамки на Стопанската комора дејствува Групацијата на небанкарски финансиски друштва. Членки се 24 од вкупно евидентираните 33 финансиски друштва, кои се сметаат за најнов и најдинамичен сегмент на финансискиот систем. На веб-страницата на Комората пишува дека тие се сѐ побројни, постојано расте вредноста на новосклучените договори, се зголемува кредитирањето, како и бројот на кредитокорисниците.

Оваа Групација активно учествуваше во измените на законската регулатива која, меѓу другото, за непочитување на Законот предвидува глоби од осум до десет илјади евра, а можно е на финансиско друштво да му биде одземена дозволата ако во период од една година му се изречат две мерки – глоба или времена забрана за вршење активност.

Оваа гранка која вработува околу илјада лица, и натаму останува отворена за потребите на клиентите со послаба кредитна способност, кои не можат лесно да дојдат до средства кај банките. Само што нивната работа сега ќе се одвива под засилена контрола, доколку и законските измени и правилникот регуларно се спроведуваат и почитуваат.