strumica denes logo

БРАВО: УЧЕНИЦИ ОД ДСУ „НИКОЛА КАРЕВ“ ЌЕ САНИРААТ 190 КЛУПИ НИЗ СТРУМИЦА!

Автор:

Датум:

декември 24, 2025

Автор:

Датум:

декември 24, 2025

Учениците од дрвопреработувачката струка при ДСУ „Никола Карев“ – Струмица, во соработка со Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“, ќе започнат со санација на оштетените клупи во Градскиот парк и на други јавни локации низ градот.

Како дел од подготовките, учениците заедно со професорот Никола Узунов деновиве извршија увид на терен и констатираа дека вкупно 190 клупи за седење имаат потреба од санација. За дел од нив ќе се поставуваат нови дрвени подлоги, кои ќе ги изработат самите ученици, додека кај клупите со здрави дрвени елементи ќе се изврши фарбање со посебно средство за заштита на дрвото.

Материјалите потребни за обновата ќе ги обезбедат Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“, по што учениците од образовниот профил – техничар за мебел и ентериер, ќе ги обработат во работилниците и ќе изработат нови дрвени подлоги за оштетените клупи.

Од училиштето потсетуваат дека оваа струка и досега реализирала значајни практични проекти, меѓу кои изработка на шкафчиња за учениците, мебел за Одделот за невропсихијатрија при ЈЗУ Општа болница Струмица, како и кујна за потребите на училиштето.

Активноста се оценува како одлична можност за изведување практична настава и усовршување на работните вештини, кои по завршувањето на образованието ќе им дадат дополнителна предност на младите на пазарот на трудот.

Со оваа иницијатива, учениците и нивните професори уште еднаш покажуваат дека знаењето и трудот можат директно да придонесат за поубав и поуреден јавен простор во Струмица.