strumica denes logo

БОЖИКНО ИНТЕРВЈУ СО ВИКАРНИОТ ЕПИСКОП ЈАКОВ: Православната црква минува низ сериозна криза на единството, не ни е потребно заземање страни!

Автор:

Датум:

јануари 5, 2025

Автор:

Датум:

јануари 5, 2025

Православната црква, во својата долга историја, има практика на решавање проблеми и поделби од секаков вид, практика што произлегува од традицијата. Во исто време, важно е да се напомене дека во овој конкретен историски момент, Православната црква минува низ сериозна криза на единството, а, преку тоа, и на поредокот што резултираше со рушење на многу принципи од сите страни. Последно нешто што ни е потребно е заземање страни при очигледните поделби, вели викарниот епископ Јаков во божиќното интервју за весникот ВЕЧЕР. Во врска со томосот што го добивме од СПЦ, вели дека тој по својата содржина ги препознава и ги признава сите стремежи на македонскиот православен народ за обновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, но, дека документот нè упатува кон соборно решение, т.е. прифаќање и препознавање од сите други помесни цркви. Со епископот разговаравме на актуелни теми врзани за Црквата, но и за традициите и фолклорот кои се дел од божикните празнувања.

Елизабета АРСОСКА

Ваше преосвештенство, во предвечерието на големиот христијански празник Божик, денот кога сите ќе ја споделиме радосната вест за раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос, да се потсетиме на песната на ангелите, кои од небеската бесконечност пеат: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2, 14). Дали современиот христијанин, кој е сведок на ужасните војни и меѓу православните народи, сфаќа која е пораката од овој на изглед едноставен, но многу содржаен стих?

Навистина поставивте клучно прашање, чиј одговор христијаните, низ сите епохи, многу добро го знаеле и секако дека го знаат и современите автентични христијани. Автентичен христијанин е оној што се поистоветува единствено со Христос и со ништо друго, знаејќи дека без Него и надвор од Него не постои вистински мир. Автентичниот христијанин не верува, туку знае дека подобар свет во кој нема место за Христос едноставно е невозможен.

А, кој е односот на светот кон Христос низ човековата историја? Уште од првите мигови кога дојде на овој свет, Тој беше отфрлен бидејќи не се најде место за Него во витлеемските домови и гостилници (Лука 2, 7), моќниците на овој свет во ликот на Ирод го гонат за да го убијат (Матеј 2, 13-16), иако никаков грев не стори и лага не се најде во устата Негова (1. Петар 2, 22), овој свет ги амнестира разбојништвото и гревот наспроти праведноста, безгрешноста и безусловната љубов Божја, која ја гледаме токму во овие денови, како го симнува семоќниот Бог од висините на Неговата слава во темнината на овој свет да се роди како мало дете, како еден од нас. Затоа Спасителот и ја прави таа квалитативна дистинкција меѓу христијаните и светот кога вели: „Вие не сте од светот, туку јас ве избрав од светот. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето…“ (Јован 15, 9). Односот на светот што го прогонува Христос кон христијаните и христијанските вредности, кон Црквата, која, според зборовите на свети Јустин Ќелиски, е Самиот Христос продолжен низ вековите, е очигледен и за современиот христијанин. Вистинските причини за братоубиствените војни меѓу христијаните се токму од таа природа во поистоветувањето со стихиите на овој свет: држави, нации, граници наместо со Христос и царството небесно.

Современите христијани се сведоци на овој, сега-засега, пасивен прогон на христијанството по многу основи. Накратко, овој свет останува во војна оти го уби мирот, не го сака личносниот мир и по својата определба останува антихристијански, но Христос се роди и влезе еднаш засекогаш во времето и историјата, носејќи со Себе и во Себе можност за подобар свет и давајќи му го својот мир на светот. По тој момент, веќе ништо не е исто и не може веќе како што било…

Го носите името на свети апостол Јаков, сведок на словото на вистината и на чудата на Исус Христос, сведок на Неговите страдање, воскресение и вознесение. Лекувал секаква мака и болест со името на Господа. Имате ли моќ и сила за враќање на моралните вредности и правила на општеството? Колку се нарушени, искривени, девалвирани… тие морални вредности и правила?

Светиот апостол Јаков, брат Божји, чие име го носам, е навистина чудесен лик меѓу апостолите и епископите и прв епископ на Црквата, но она што е најважно е, како што рековте, дека тој бил автентичен сведок Христов, на Неговите страдање и воскресение. Да се има за небесен покровител светител каков што е свети Јаков и да се носи неговото име, е исклучителен дар Божји како што е и епископскиот чин, кој со ништо не сум го заслужил.

Најпрво би се осврнал на второто прашање, зашто сметам дека одговорот за сите нас е јасен и очигледен од перспектива на сето она што го гледаме не само во нашето потесно и пошироко опкружување туку и во нас самите. Во која мера потона современото општество во декаденција, опишуваат пророчките зборови на свети апостол Павле упатени до Тимотеј кога вели дека „ќе настанат тешки времиња, зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непослушни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожни, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле…“ (2. Тимотеј 3, 1-5). Во која мера го карактеризираат овие стихови современиот човек, секој нека процени сам, бидејќи христијанските подвиг и стремеж, пред сè, се насочени кон менување на самиот себеси, кон преобразување и охристовување на внатрешниот човек, што, од друга страна, е невозможна мисија без личносен однос со Бога, пред сè, во литургискиот живот на Црквата. Доколку се потпира човек само на своите сили од типот на сè попопуларните life coaching курсеви, затворен во својот егоизам, останува без Божјата благодат и станува подобра верзија на себеси, единствено во сопствените очи, себедоволен и крајно неспособен за заедница.

Да се вратиме сега на првото прашање. Јас, како најмал од епископите на нашата помесна Црква, немам власт и сила да вратам нешто од што општеството доброволно се одрекло, особено не доколку е последица на слободниот избор на личноста. Едноставно, тоа е спротивно на духот на љубовта. Јас, како монах, па и како епископ, немам ништо друго што би можел да му понудам и дадам на овој свет, освен Црквата, освен Христос. Тој е моето мерило за сите вредности, за сè што е добро, убаво, свето и чисто. Богочовекот Христос и заедницата со Него во Црквата Негова е сигурниот излез од секоја криза и сигурна гаранција за опстанок на нашето и на секое друго општество.

Целосното интервју може да го погледнете на следниот линк: https://www.vecer.press/bozhikno-intervju-so-vikarniot-episkop-jakov-pravoslavnata-czrkva-minuva-niz-seriozna-kriza-na-edinstvoto-ne-ni-e-potrebno-zazemane-strani/

ИЗВОР: ВЕЧЕР.ПРЕСС