strumica denes logo

БИОМАСАТА, СООБРАЌАЈОТ И СОГОРУВАЊЕТО НА МАЗУТ И НАФТА СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ИЗВОРИ НА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ ВО СТРУМИЦА!

Автор:

Датум:

декември 24, 2025

Автор:

Датум:

декември 24, 2025

Според објавените резултати во инфографиката за справување со загадувањето на воздухот во Струмица, најголем удел во годишното загадување има согорувањето на биомаса (горено дрво) со 35%, по што следуваат сообраќајот со 29%, нафтата и мазутот со 15%, горењето ѓубре и отпад со 9%, како и секундарните аеросоли (6%) и минералната прашина (6%).

Во документот се посочува дека согорувањето на биомаса е главен извор на загадување, најчесто поврзан со загревање на домаќинствата. Притоа се наведува дека согорувањето на биомаса во фурни, ресторани и слични објекти има мало влијание во вкупната слика. Како втор најзначаен извор се издвојува сообраќајот, при што се нагласува дека неговото влијание значително се зголемува во текот на летниот период.

Како трет по значење фактор е наведено загадувањето поврзано со согорување на мазут и нафта, кое се поврзува со загревање на јавни објекти (градинки, училишта, болници), како и со производство на топлина или други технолошки процеси во индустриски капацитети.

Истражувањето за изворите на загадување на воздухот во Струмица, како што е наведено, го спровела лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во период од март 2023 до февруари 2024 година.

Во рамки на кампањата се упатува и јавен апел за прекинување на „линијата на загадувањето“, со препораки за конкретни чекори: замена на старите печки на дрва со топлотни пумпи, подобрување на енергетската ефикасност, користење обновливи извори (фотоволтаици), пошумување и зголемување зелени површини, како и поголема употреба на јавен превоз, пешачење и велосипедизам, при што јасно се потенцира: да не се гори отпад, ниту земјоделски и градинарски остатоци на нивите.

Илустрација: Генерирана со вештачка интелигенција