Билјана Бајрактарова е назначена за нов директор на СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица, кадар со богато наставно, проектно и менаџерско искуство.
Бајрактарова своето средно образование го завршила во СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, а високо образование стекнала на Технолошки факултет – Скопје, на насоката биотехнологија на прехранбено инженерство. Има завршено и постдипломски студии по бизнис и администрација, со специјализација по стратегиски менаџмент.
Повеќе од 32 години работи како професор по стручни предмети од хемиско-технолошката струка, бизнис, претприемништво и менаџмент токму во СОУУД „Димитар Влахов“, каде со години активно учествува во развојот на наставниот процес и училишните програми. Паралелно, неколку години е ангажирана како предавач во Бизнис академијата „Смилевски“, а често се јавува како обучувач во бројни проекти од областа на бизнис и претприемништво.
Бајрактарова е сертифициран обучувач преку УСАИД и ЈЕС проектите, со фокус на вештини за барање работа, подготовка за вработување, комуникациски вештини, безбедност, права и обврски, личен развој, тимска работа и лидерство. Има учествувано на бројни семинари и конференции во земјата и во странство, автор е на повеќе трудови објавени во стручни списанија и рецензент на учебници од областа на стручните предмети што ги предава.
Како наставник и ментор, таа активно учествува во бројни проекти и активности – и во училиштето и надвор од него – менторирајќи наставници и ученици. Сертифициран кариерен советник е од 2008 година, повеќе од 20 години член на МАССУМ и две децении координатор на локалната младинска асоцијација „Хармонија“. Организатор и учесник е на повеќе едукативни манифестации, меѓу кои и Образовното рандеву 2012 во Струмица, како и активности поврзани со меѓународни образовни иницијативи.
Со ученици има учествувано на бројни државни и меѓународни натпревари, вклучувајќи Макенова, Еконова, Народна техника, НАСА и образовните рандевуа на МАССУМ, при што се освоени над 500 награди, признанија и дипломи. Во 2024 година го доби признанието „Наставник на годината“ од СОУУД „Димитар Влахов“, а е и еден од иницијаторите и основачи на Научната едукативна средношколска конференција, која за првпат се одржа минатата година во училиштето.
Со вакво богато професионално портфолио, назначувањето на Билјана Бајрактарова за директор се оценува како значаен чекор кон натамошно унапредување на образовниот процес и развојот на СОУУД „Димитар Влахов“ – Струмица.



























