(АУДИО+ТЕКСТ) КОЛУМНА НА ПЕТАР МАРКОВ: ФИЗИОЛОГИЈАТА НА СВИТКАНАТА КИЧМА!

јули 5, 2019

Теоријата за еволуција се заснова врз идејата за селекција. Тоа во превод би значело дека за некој организам да биде позитивно селектиран треба да поседува карактеристики кои одговараат на барањата на природата. Барањата на природата константно се менуваат па затоа и организмите ги менуваат своите карактеристики. Во овој процес се важни два моменти, перзистирањето на еден основен – примарен организам кој во суштина ќе остане ист и неговото настојување да промени што помалку од неговите досегашни карактеристики а сепак да преживее.

Република Македонија во својот еволутивен пат кон Европската Унија наместо да се сконцентрира на усовршувањето на сегментите кои го карактеризираат нејзиното модерно постоење, реши да ја промени основата на која државата е изградена. Токму обратното од тоа што природата го земала за пракса. Образование, здравство, безбедност и судство. Наместо да отпочне детален реформски процес на карактеристиките кои ја определуваат нејзината способност да опстане покрај системите со понапреден еволутивен тек, Македонија одлучи да влезе во дисконтинуитет со сите нејзини суштински атрибути. Се откажа од историја, јазик, нација, спроведе промена на име. Таков радикален чекор за овозможување опстанок во било каква форма е неприфатлив осфен ако целта не е токму конечното исчезнување. Таква Македонија без историја, јазик, нација, име, ја прави слаб противник, особено тука на Балканот. Можноста за триумф во било каква битка на слаб противник е минимална, дури и да не постои. Во каков и да е случај, организмот, поединецот или заедницата, новонастанатата ситуација или новоназначениот понизок статус го перцепира како пораз кој отпочнува комплексен неврохемиски процес кој пак влијае негативно во позиционирањето во новите битки и решавањето на новите предизици.

Откажувањето на нашата држава од секој нејзин атрибут кој преживеал со векови а можеби и милениуми е најлошото решение за отстранување на конфликтите. Тоа значи откажување од карактеристиките кои биле селектирани и кои го определиле преживувањето на нацијата. Тоа не става во позиција на потчинетост во однос на секој следен агресор. Динамиката на природата или селекторот во лицето на агресорот продолжува одразувајќи се со промена на барањата кон потчинетиот. Македонија покажа дека е спремна да се откаже од карактеристиките кои го определуваат нејзиното постоење, па затоа, очекувано е со свои барања, најверојатно зголемени и редефинирани да се јават и други држави во улога на агресори или селектори.

Ова се непорекливи факти и тоа не зависи од нечија желба. Тоа се шаблони на однесување на природата и независно дали се работи за физичка, биолошка, социјална или културна карактеристика, сето тоа е важно за одржување на перманентноста во потенцијалната хиерархија. Се работи за вечен аспект на овие манифестации. Ние, суверените, кои сме постоеле илјадници години сме живееле во домирачка и доминирана хиерархија, сме се бореле за позиција уште пред да имаме и држава и демократско уредување, но никогаш не сме направиле нешто кое ќе не направи еволутивно инфериорни во однос на другите.

Разликите во хиерархијата го определуваат социјалниот статус и ги обликуваат интеракциите. Тоа се јавува како резултат на функционирање на делот од човечкиот мозок кој ја следи нашата позиција во општеството во однос на други луѓе и групи. Оваа надворешна дразба која претставува информација за нашето место во општеството отпочнува неврохемиска реакција која го регулира соодносот на два невротрансмитери, серотонин и норепинефрин чии концентрации пак ги модулираат нашите перцепции, вредности, емоции, мисли и акции и силно го афектираат секој аспект од нашето постоење.

Разликата во овие два невротрансмитери е круцијална. Серотонинот кај човекот предизвикува чувство на задоволство, смиреност и самодоверба, додека норепинефринот предизвикува чувство на страв, недоверба, дефетизам. Сето ова се одразува и врз телесното држење на луѓето и токму заради тоа индивидуите со победнички менталитет, односно со висока доза на серотонин се исправени, со крената глава и лице кое се забележува од сите страни. Оние пак со висока доза на норепинефрин се свиткани, повлечени, стуткани луѓе кои се субординативни кон околината. Ова е многу важно за развојот на индивидуата или заедницата на долг рок бидејќи високиот серотонин не бара од нас да превземаме импулсивни мерки или да прифаќаме нешто кое ќе ни биде дадено како милост или по желба на друг. Може да си дозволиме да одложиме моментално мало задоволство кое ќе не стави во поволна позиција за остварување повисока цел.

Кичмата на државата Македонија е свиткана, очите и се покриени за да го избегне секој контакт со погледот на наредниот силеџија. Дали ќе биде тоа Бугарија, Албанија или Мадагаскар сеедно. Нашата губитничката позиција во регионот стана прапознатлива за секој кој може да аплицира свое влијание. А ние? Ние немаме ниту сила, ниту мотив, ниту неврохемиска основа да се спротивставиме. Не се само ниските плати, не се само партиските вработувања. Се работи за нешто многу по фундаментално во човечката свест која го насочува македонецот својата шанса за задоволство да ја бара во некоја друга држава која ќе му овозможи основа да се идентификува со неа.

Неопходно е да кажеме не на оваа опресија, колку тоа да звучи тешко или невозможно, или пак колку и да мислиме дека не сме спремни или способни. Доколку кажеме не, значи дека ја искажуваме нашата одбивност кон субординацијата спрема личностите кои својот авторитет го црпат само со висината на нивната функција. Тогаш можноста за опресија од страна на опресорот ќе остане ограничена, зошто силите на тиранијата се шират секаде и имаат тенденција да ги пополнат сите простори кои се оставени за нивно остојување. Луѓето кои одбиваат да се бранат соодветно, независно дали се работи за територија или социјален статус се подложни на експлоатација и скратување на нивните права.

Заради тоа е потребно да се исправиме, да се спротивставиме на губитничкиот менталитет и да покажеме дека можеме да победуваме. Да ги предизвикаме авторитетите кои ја креираат нашата судбина да прават повеќе, да се стремат кон повеќе и да овозможат повеќе, ако не – да си одат, бидејќи доста си одиме ние.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: