Анкета: Над 50 отсто од младите во Македонија сметаат оти физичкиот изглед влијае врз тоа како ќе бидат третирани!

октомври 29, 2023

Според 59,3 проценти од испитаните млади, мажите и жените немаат еднаков третман во Македонија, покажуваат податоците од „Анализата на родовите (не)еднаквости“, презентирана попладнево во Скопје.

Албина Сефадини, програмска координаторка во Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), рече дека целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени на возраст од 15 до 29 години да бидат поактивни во општеството и да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и со тоа во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Теодора Милеска од мрежата „Стела“ рече оти често перцепцијата е, дека родовата нееднаквост е нешто што се случува подоцна во животот – за време на првото интервју за работа, кога се прави одлуката за имање семејство или при унапредување на работа.

„Но, реалноста е дека родовите стереотипи, предрасуди и однесувања што промовираат родова нееднаквост, се случуваат од најмала возраст и мислам дека оваа анализа навистина ни дава еден важен увид во ова“, нагласи Милеска.

Љупка Трајановска, која била вклучена во истражувањето, информираше дека бројот на анкетираните бил 1.200 млади лица на возраст од 15 до 29 години. Од нив, 634 млади жени и 566 млади мажи.

– Повеќе од 90 проценти од младите, независно од полот, слушнале за терминот родова еднаквост, но сепак не се доволно запознаени со неговото значење. Секој трет млад маж верува дека во нашето општество мажите и жените имаат еднаков третман, односно за нив не постои родова нееднаквост. За 59,3 отсто од испитаните млади, мажите и жените немаат еднаков третман“, соопшти Трајановска.

Истражувањето покажало дека младите во Македонија ги препознаваат и се обидуваат да не ги следат, односно да ги искоренат родовите стереотипи.

„Најчесто ги препознаваат кога им се случува родово стереотипно однесување насочено лично кон нив. Секој трет млад човек лично искусил родово стереотипно однесување и негативни влијанија од него, а почесто родовите стереотипи ги искусуваат младите жени. Малцинските етнички заедници се почесто погодени од негативните влијанија на родовите стереотипи, односно секој втор припадник, припадничка, на ромска и албанска етничка група, наспроти секој трет припадник, припадничка, на македонска етничка група“, посочи Трајановска.

Според анализата, девојките повеќе ги прeпознаваат родовите стереотипи во државата од момчињата.

„Секој трет испитаник, испитаничка, од ромска етничка група не е свесен односно не знае, дали родовите стереотипи се штетни за напредокот во општеството. Од младите, 75,2 отсто не ги поддржуваат родовите стереотипи, додека пак 9,7 проценти од испитаниците и испитаничките ги поддржуваат и свесно ги практикуваат. Потоа, 7,7 проценти повеќе испитаници од машки пол во однос на испитанички од женски пол, ги поддржуваат родовите стереотипи. Секој втор испитаник, испитаничка, смета дека родовите стереотипи пред сè се појавуваат и учат од членовите на семејството. Вкупно 85 проценти од испитаниците од ромска етничка заедница, сметаат дека семејството е место каде што најчесто се појавуваат родовите стереотипи“, додаде таа.

Повеќе од половина испитаници сметаат дека физичкиот изглед, наметнат од родовите стереотипи и улоги, има влијание врз тоа како ќе бидат третирани жените или мажите.

Беше кажано дека 28,4 отсто од испитаничките и 24 проценти од испитаниците, не сметаат дека момчињата и девојчињата имаат еднаков пристап до образовни можности. Од вкупниот број испитанички, 17,6 отсто не биле охрабрени од членовите на своето семејство да го продолжат образованието и да завршат повисок степен на образование.

„Помладите испитаници, односно девојчињата и момчињата на возраст од 15 до 19 години, кои се всушност и најмалку активни на пазарот на трудот, во значително поголем процент 51 отсто, веруваат дека не постојат ‘машки’ и ‘женски’ професии. Ставот на 56,3 отсто од младите испитаници и испитанички од албанска етничка припадност и на 47,4 проценти од младите испитаници и испитанички од македонска етничка припадност, е дека во општеството постои поделба на „машки“ и ‘женски’ професии. За разлика од нив, само 20 проценти од младите испитаници и испитанички од ромска етничка припадност се согласуваат“, соопшти Трајановска.

Истражувањето покажало дека 22,9 проценти од испитаничките и 26,5 отсто од испитаниците сметаат дека жените при бременост не можат да извршуваат одредени работни обврски поради својата емотивна состојба. Една петтина од испитаниците сметаат дека жените кои имаат деца, се помалку посветени на својата професија.

Вкупно 39,5 проценти од испитаничките сметаат дека би имале тешкотии при наоѓањето работа.

„Повеќе од младите испитаници 14,8 отсто би избрале раководител – маж, додека само 9,9 проценти би избрале раководителка жена. Вкупно 15,6 отсто од младите испитаничките би избрале за раководителка жена, а само 5 проценти би одбрале раководител маж“, откри Трајановска.

Податоците на анализата покажуваат дека најмногу родово стереотипни убедувања кај младите, има по однос на политичката активност и учеството во донесување одлуки на жените.

„Вкупно 29 отсто од младите мажи сметаат дека тие по природа се лидери, додека 72,20 отсто од испитаничките и 58,50 проценти од испитаниците не се сложуваат и не веруваат во овој родов стереотип. Вкупно 71 отсто од испитаничките и 63,4 проценти од испитаниците сметаат дека жените и мажите треба подеднакво да учествуваат во донесувањето одлуки. Помалку од половина односно 48,9 отсто испитаници сметаат дека бројот на жените и мажите на раководни позиции треба да биде ист, додека ова е став на 60,9 проценти од испитаничките. Загрижувачки е фактот што 32,7 отсто испитаници и 28,60 проценти испитанички, односно млади лица, сметаат дека жените се предодредени за грижа за децата и семејството“, соопшти Трајановска.

Заклучоците се, додаде таа, дека младите жени се помалку подложни на родови стереотипи, од младите мажи. Потоа, нагласи, се забележува дека младите мажи особено ги отфрлаат родовите стереотипи што се поврзани со очекувањата од нив самите, додека пак почесто ги поддржуваат оние насочени кон жените.

„Повеќе родово стереотипни размислувања беа забележани во ставовите за грижа и одржување на домот и домаќинството. Па така, секој четврти испитаник смета дека жената има обврска да се грижи за хигиената во домот и да подготвува храна. Секој петти испитаник смета и дека мажот е одговорен за плаќање на сметките, а пак 18 проценти сметаат дека одлуката за купување на автомобил, треба да ја донесе мажот“, кажа Трајановска пред присутните.

Беа истакнати и препораки со цел да се подобри ситуацијата на оваа тема.

„Ревидирање на Законот за младинско учество и младински политики и подготовка на процена на влијанието на законот врз родовата еднаквост. При креирањето на локалните младински совети да се внимава на застапеноста на момчињата, девојчињата, но и на возрасните групи. Министерството за образование и наука, меѓународните организации како и амбасадите, да обезбедат стипендии за млади во дефицитарните струки. АВРСМ во соработка со МТСП да обезбеди професионални обуки и, или дообуки, наменети за лица од 15 до 29 години, со што ќе се развиваат вештините на младите жени и мажи во родово нестереотипни професии. Младинските тела, Агенцијата за млади и спорт, како и НМСМ, треба да ја зајакнат својата улога во лобирањето за воведување сеопфатно сексуално образование. НМСМ во соработка со мрежата „Стела“ да организира младински дебати, средби, конференции како на локално, така и на национално и на регионално ниво, во кои ќе се разбиваат родовите стереотипи и предрасуди. НМСМ да ги поттикне организациите членки да креираат програми, проекти и активности кои ќе ја вклучуваат родовата перспектива“, беше кажано на презентирањето на анализата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ