Александар Петровски е именуван за нов директор на Јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица“.
Петровски има 41 година и е дипломиран инженер агроном, а во моментов посетува магистерски студии на Правниот факултет. Тој е семеен човек, сопруг и горд татко на две деца.
Со речиси две децении работно искуство во приватниот сектор, Петровски зад себе има богата професионална биографија, која, како што истакнува, му помогнала да стекне практични знаења, дисциплина и чувство за одговорност, вредности што ќе ги применува и во управувањето со јавното претпријатие.

Во својата прва изјава за портал Струмица Денес по назначувањето, Петровски порача дека неговиот фокус ќе биде насочен кон современо и ефикасно работење во интерес на граѓаните:
„Две децении работно искуство во приватниот сектор ми овозможија да стекнам знаење, дисциплина и одговорност што денес ги пренесувам во јавното работење. Како нов директор на ЈП ‘Паркиралишта Струмица’, мојата цел е да внесам модерен пристап, транспарентност и подобра услуга за граѓаните. Верувам дека вистинските промени почнуваат со тимска работа, посветеност и почит кон јавниот интерес.“
Со новото раководство се очекува ЈП „Паркиралишта Струмица“ да продолжи со унапредување на услугите, поефикасно управување со паркинг-просторите и воведување практики што ќе придонесат кон поуреден и функционален градски сообраќај.

























