Фејсбук статус на Љубица Гунчева:
Почитувани,
Моето име е Љубица Гунчева и сум основач на Здружението за заштита на животни АНИМАЛ ЛАВЕРС од Струмица.
Повеќе од 6 години дејствувам во насока на згрижување, лекување и унапредување на правата на животните. Ви се извинувам за долгиот текст, но сакам да Ви пренесам една грозоморна неправда која ми се случува од 17.10.2022 и трае до ден денес, благодарение на системското силеџиство кое владее во земјава.
Општина Струмица со години наназад нема ангажирано прифатилиште за хуман третман на бездомните кучиња, односно спроведување на програмата „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати“. Бројот на бездомни кучиња во општината експоненцијално се зголемуваше низ годините и во отсуство на исполнување на нивната законска обврска, тоа го правевме ние – неколку активистки. Во меѓувреме, се покрена иницијатива за формирање на јавно претпријатие за оваа намена, но до денот кога се случи настанот кој ќе го споделам со вас, тоа прифатилиште не беше во функција.
На ден 17.10.2022, додека бев на работа слушнав силно завивање и цвилење од куче, кое видно ме вознемири и излегов надвор да видам што се случува. Надвор затекнав, во тој момент, за мене целосно непознати лица, облечени во тренерки, без униформа или работни одела, како влечат бездомнo куче со сајла, кое неутешно цвили. Се приближив до нив и ги замолив да го ослободат кучето бидејќи тоа е куче кое јас го познавам и редовно го хранам. На тоа добив одговор да ги оставам да си ја вршат нивната работа. Во близина беше паркирано возило БЕЗ РЕГИСТАРСКИ ТАБЛИ, опремено за заловување на кучиња. Претпоставив дека можеби се од ЈП Лана и покрај тоа што лицата кои заловуваа НЕ БЕА СООДВЕТНО ОБЕЛЕЖАНИ, А НИТУ ВОЗИЛОТО БЕШЕ ОБЕЛЕЖАНО. Во повеќе наврати им реков да го ослободат кучето, па дури им се понудив да го внесам јас, по што бев одбиена. Поради ова, се вратив на работното место за да го земам телефонот, за да ги снимам, со цел да и покажам на јавноста дека вршат заловување на крајно нехуман начин, што е нешто против кое ние со години наназад се бориме.
Следниот ден поднесов пријава во СВР Струмица поради тоа што се вршеше заловување од страна на непознати и необележани лица, во нерегистрирано возило, а истите тие лица, поднесоа против мене кривична пријава по основ „Спречување службено лице за вршење на службена дејност“.
Општината и вработени во ЈП Лана, на која ние – неколку жени бесплатно и без денар донација, со години наназад им ја работиме работата, сега одлучија кривично да ме гонат.
За време на судењето беа доставени повеќе докази од кои:
1. СТАЦИОНАРОТ ВО МОМЕНТОТ НА ЗАЛОВУВАЊЕ НЕМАШЕ ДОЗВОЛА ЗА РАБОТА од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, но ова во ниту еден момент не се толкуваше како проблематично.
2. ВОЗИЛАТА ВО МОМЕНТОТ НА ЗАЛОВУВАЊЕ НЕ СЕ РЕГИСТРИРАНИ. Општина Струмица на писмено издава документ со кој тврди дека возилата се регистрирани на 17.10.2022, додека од ВНАТРЕШНА КОНТРОЛА НА МВР утврдуват дека возилата се регистрирани наредниот ден, односно на 18.10.2022. Судот не наоѓа проблем ниту во ова.
3. За време на судењето градоначалникот на Општина Струмица даде изјава дека НАЛОГОТ ЗА ЗАЛОВУВАЊЕ ГО ИМА ИЗДАДЕНО ТОЈ ЛИЧНО поради повик на граѓанин чиј жена била болна од рак и и’ пречеле кучињата на улицата. Сметам дека крајно неумесно е да се (зло)употребува ваква ситуација во корист на тоа се оправдаат личните постапки. Дополнително, иако не ме познава, си даде за право да ми дели лични квалификации, како сум била проблематична личност. Судот ниту овде не најде проблем или пропуст.
4. ОТКАКО КУЧЕТО БЕШЕ ОДНЕСЕНО ВО СТАЦИОНАРОТ НА ЈП ЛАНА, АХВ им издаде забрана за работење се додека не добијат дозвола и налог да ги ослободат кучињата кои се во стационарот. По овој налог кучето беше преземено од локален активист и истото беше донесено во нашето здружение. Судот не најде пропуст ниту во оваа постапка.
И покрај сите мои напори да ја докажам вистината, Основниот суд во Струмица сепак, моите докази и искази ги сметаше за ирелевантни и донесе пресуда: 3 МЕСЕЦИ ЗАТВОР или АЛТЕРНАТИВНО 1 година УСЛОВНО поради тоа што сум попречила службено лице при вршење на службена должност, кое не се легитимирало, ниту имало било какво обележје, во моментот на заловување било вработено во прифатилиште кое нема дозвола за работа и управувало со нерегистрирано возило. Дополнително што, во пресудата е наведено дека судот со ОСОБЕНА ВАЖНОСТ ја цени изјавата на градоначалникот на Општина Струмица, но како олеснителна околност за мене го зема фактот дека сум била долгогодишен активист.
И така, еден куп мажи, од заловувачи, до судија и градоначалник, одлучија дека јас – жената која со години им ја работи НИВНАТА РАБОТА треба да одговарам КРИВИЧНО за тоа што тие постапувале НЕЗАКОНСКИ.