Адиент Аутомотиве Струмица, произведувач на навлаки за автомобили, одбележува значаен јубилеј – 10 години успешно работење, континуиран развој и посветеност кон луѓето и заедницата. Во изминатата деценија, компанијата се позиционираше како еден од најзначајните работодавачи во регионот, со над 1.200 вработени и стабилен раст базиран на инвестиции во современи технологии, производствени капацитети, обновливи извори на енергија и човечки ресурси.
Работејќи во една од најдинамичните и најпредизвикувачки индустрии – автомобилската, Адиент Струмица успешно се адаптираше на постојаните промени, глобалните предизвици и зголемените барања за квалитет и ефикасност. Преку континуирани инвестиции во модернизација на процесите, дигитализација и унапредување на објектите, во текот на 10 години компанијата обезбедува конкурентност и одржлив раст и значајно придонесува за локалната економија.
Како дел од глобална корпорација присутна во 29 земји со повеќе од 65.000 вработени, Адиент Струмица ги следи највисоките индустриски стандарди и активно придонесува во глобалните производствени синџири.
Паралелно со деловниот успех, компанијата активно вложува и во развојот на локалната заедница и заштитата на животната средина. Реализирани се над ХУ проекти насочени кон подобрување на условите за живот, едукација и одржлив развој, како и иницијативи за намалување на влијанието врз животната средина.
Посветеноста кон вработените е потврдена и преку престижната сертификација за врвен работодавец, Top Employer, која компанијата ја добива три години по ред, како признание за високите стандарди во управувањето со човечки ресурси и создавањето на позитивна работна средина.
Јубилејот беше одбележан со низа активности кои ја отсликуваат корпоративната култура на компанијата – организирани волонтерски акции и проекти за поддршка на локалната заедница, како и семеен ден за вработените, наменет за зајакнување на тимскиот дух и вредностите на заедништво.
„Во изминатите 10 години започнавме од темели и силен ентузијазам, се соочивме со бројни предизвици карактеристични за динамичната автомобилска индустрија, но токму тие нè направија посилни, пофлексибилни и поиновативни. Горди сме на постигнатото и благодарни на нашиот тим, кој е клучот за успехот. Ќе продолжиме да инвестираме во луѓето, технологијата и заедницата, со јасна визија за иднината,“ изјави Игор Здравески, директор на Адиент Струмица.
Со јасна стратегија за иднината, компанијата останува фокусирана на одржлив раст, иновации и создавање вредност за сите засегнати страни.
























