Во рамките на активностите за заштита на животната средина, општинската инспекторка за животна средина на општина Струмица на 6 март 2025 година (четврток) спроведе четири контролни инспекциски надзори, како и еден вонреден инспекциски надзор.
При вонредниот надзор, на локацијата на еден правен субјект, е затекнато незаконско согорување на отпад од целулоза, спакуван во најлонски вреќи. Согласно Законот за управување со отпадот, ваквото постапување е строго забрането, бидејќи може да има сериозни последици врз квалитетот на воздухот и здравјето на граѓаните.
Како резултат на утврдените неправилности, на правниот субјект му е издаден прекршочен платен налог во висина од 9000 евра, додека на одговорното лице во компанијата му е изречена казна од 500 евра.
Инспекциските служби на општина Струмица повторно упатуваат апел до сите правни субјекти и граѓани да се придржуваат до законските регулативи и да се воздржат од незаконско согорување на отпад. Иако примарната цел не е санкционирање, туку превенција, очигледно е дека не сите ги почитуваат упатствата, што доведува до неопходност од ригорозни казнени мерки.