На денешен ден, 5 февруари, во 1945 година е одржан првиот час во гимназијата во Струмица, со тоа започнува средношколската настава на македонски јазик во нашиот крај.
Пред Втората светска војна македонскиот народ се образувал во училиштата на освојувачите, на туѓ јазик и со програми кои имале за цел да ги елиминираат неговите особености и да го асимилираат. Со воените операции за конечно ослободување на Македонија и со прогласувањето на македонската држава на Илинден 1944 година се отвора пат за образување на македонскиот народ на неговиот мајчин македонски јазик и по програми кои го гарантираат зачувувањето и негувањето на неговата култура, историја и национална посебност.
Одговорноста да ги постави темелите на просветата во македонската држава му е зададена на струмичанецот Епаминонда Поп Андонов. Одлуката на Президиумот на АСНОМ за отворање на гимназијата во Струмица и на гимназиите во другите поголеми македонски градови е донесена на 3 ноември 1944 година по предлог на Поп Андонов. Со тоа започнуваат подготовките за почеток на работа на овие средни училишта, кои завршуваат при крајот на јануари 1945 година. Така, на почетокот на февруари започнуваат со работа гимназиите во Македонија, меѓу нив и СОУ „Јане Сандански“ – Струмица.
Оригиналната вест може да ја погледнете на следниот линк: https://www.facebook.com/SouJaneSandanski/posts/pfbid02BwMAt4CUavtb71icwvWt8YNrfNU3uuWu9iAhAiQT6JBd5a26LKgzkoF5DVXdKoj2l
























