300 милиони евра во Македонија ќе одат за повисоки плати и пензии, социјална помош, набавка на лекови, антикризни мерки!

септември 11, 2023

Со прекројувањето на државната каса, близу 300 милиони евра првично наменети за капитални инвестиции, се пренаменуваат за исплаќање на повисоките плати во јавната администрација и на пензиите, за социјална помош, за набавка на лекови, за новите антикризни мерки, за поддршка на компаниите.

Така, 18 милијарди денари предвидени за капиталните проекти што имаат послаба реализација, ќе се пренаменат за 10% зголемување на платите во јавниот сектор и за исплата на регресот за годишен одмор за 2023 година, согласно со одредбите од општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, што е сума од 69 милиони евра.

– Ставката плати во јавниот сектор ја зголемуваме за 4,25 милијарди денари, и тоа за околу три милијарди денари за платите за 10 отсто од септември. За покачувањето на платите на илјада функционери, односно 400 судии, 150 обвинители, 120 пратеници, 50 правобранители, владини функционери, министри, директори предвидени се 720 милиони денари – вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

А, 57 милиони евра ќе одат за зголемување на пензиите за 6% почнувајќи од овој месец, 13 милиони за субвенции за млекопроизводителите, а 74 милиони за антикризни мерки.

– Во девет пакети антикризни мерки, ќе има пари за поддршка во енергетиката и за ранливите категории граѓани – смета Бесими.

Во ребалансот се предвидени пари и за набавка на лекот „трикафта“ за 55 пациенти, за сензори за мерење на шеќерната болест, редовно плаќање на породилните отсуства, набавка на амбулантни возила, за превод и печатење на учебници, за студентски стипендии и студентки оброк, за поддршка на пензискиот систем, за справување со африканската чума, како и за помош и поддршка на странските и на домашните компании.

Со ребалансот на буџетот, проекцијата за економскиот раст годинава е намалена од 2,9 на 2,5 проценти, а има зголемување на прогнозата за инфлацијата, која сега изнесува 8,9%. Бесими посочи дека годинава државата ќе собере шест милијарди денари помалку од наплата на ДДВ во однос на предвиденото.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ