СИНОЌА БЕШЕ ПРОМОВИРАН БРЕНДОТ „СТРУМИЦА-ЅВЕЗДА ПОД НЕБОТО“ !

ноември 2, 2019

„Струмица – Ѕвезда под небото“ е носечкиот слоган на Брендот Струмица со кој ќе се зајакнува позитивната слика за Струмица и со кој Струмица ќе се натпреварува на пазарот на градови со цел да привлече повеќе инвестиции, туристи и посетители. Брендот Струмица беше промовиран вечерва во хотелот Вила Парк пред околу 250 посетители од земјата и странство кои освен што се запознаа со првите промотивни продукти, уживаа во дегустацијата на пијалоци и храна произведени во Струмица и настапот на легендарниот Влатко Стефановски во придружба на младиот Иван Кукиќ.
Градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека Брендот Струмица е создаден за долгорочно да донесе полни улици и плоштади, насмеани лица и задоволни туристи.

-„Ѕвезда под небото“ е идентитетот на Струмица со своето надворешно опкружување. „Ѕвезда под небото“ е порака која треба да ја слушнат сите и да сфатат дека Струмица е Град – Ѕвезда кој создава и производи и луѓе и вредности. Од Астраион до денешни дни, градот созрева со секоја нова генерација и градејќи ја скалата на успехот, се претвора во ѕвезда која се повеќе сјае. Брендот „Ѕвезда под небото“ ќе ја заинтригира човековата љубопитност, ќе го примами секој посетител, потенцијален инвеститор, деловен соработник, уметник или патник, да ги прими со сите сетила спецификите на градот и да го рашири добриот глас на долго и на широко по белиот свет. За нас Струмица има СЕ, и тоа нејзино СЕ треба токму ние струмичаните да го промовираме, рече градоначалникот Јаневски.

Промовирајќи го Брендот Струмица, Ѓоко Ристовски, раководител на Одделението за меѓународна соработка и европски фондови во општина Струмица, рече дека тој е визија за позиционирање на Струмица на пазарот на градови и препознавање на Струмица како добро место за живеење, добра туристичка и деловна дестинација.

-Струмица се споредува со многу поголеми градови од неа и успешно се натпреварува со нив. Токму затоа креиравме обединувачки слоган, препознатливи пораки и креативен дизајн за долгорочно да ги постигнеме целите на проектот, потенцираше Ристовски.

Брендот Струмица е создаден во рамките на спроведувањето на проектот „Промоција на туризмот и културата“, финансиран од ЕУ во рамките на ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Република Грција и Република Северна Македонија.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ