Културно-уметничкото друштво „Браќа Минкови“ од Куклиш, кое повеќе од 50 години претставува симбол на зачувување и промоција на македонското фолклорно творештво, на 13 декември (сабота) со почеток од 18:00 часот ќе го одржи својот традиционален Годишен концерт во Спортската сала во Куклиш.
Во настапот ќе учествуваат над 60 играорци од различни возрасни групи, кои интензивно се подготвуваат да ја претстават богатата македонска игроорна и песнопојна традиција. Публиката ќе има можност да ужива во изведби на автентични македонски ора и песни, кои со години претставуваат белег на културата и идентитетот на овој регион.
Годинешниот концерт ќе биде дополнително збогатен со гостувањето на околу 40 играорци од збратименото КУД „Марија Бурсач“ од Банатско Велико село, општина Кикинда, Србија. Гостите ќе претстават дел од својот препознатлив репертоар, носејќи ја убавината на српската традиција и пријателството меѓу двете фолклорни друштва.

„Нашата мисија е да ја чуваме традицијата и да ја пренесуваме на најмладите генерации. Годишниот концерт е празник за нашето село и за сите кои го носат фолклорот во срцето“, изјави Васе Ценев од КУД „Браќа Минкови“ најавувајќи ја манифестацијата.
Организаторите ветуваат вечер исполнета со енергија, емоција и автентично фолклорно доживување, кое ќе ја прослави традицијата што повеќе од пет децении живее во Куклиш.
Сабота, 13 декември | 18:00 часот | Спортска сала – Куклиш























