bandr
Струмица

КОСТА ЈАНЕВСКИ ЛИЧНО МУ ГО ЧЕСТИТАШЕ УСПЕХОТ ОД ОЛИМПИЈАДАТА НА ДИМИТАР ЏОРЛЕВ!

Градоначалникот Коста Јаневски, вчера, лично му го честиташе освоениот бронзен медал на Светската олимпијада по природни науки IJSO 2018 на Димитар Џорлев ученик во средното општинско училиште „Јане Сандански“. На средбата, Џорлев ги пренесе своите впечатоци за натпреварувањето на оваа престижна олимпијада, а градоначалникот Јаневски ја потврди неговата и заложбата на општина Струмица за поддршка на сите талентирани ученици затоа што тие се најдобрите промотори на Општината во светот.

Димитар Џорлев беше дел од тимот на Македонија на 15-та Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (физика, хемија и биологија) во Габороне, Боцвана Африка. Оваа олимпијада е една од 13-те најзначајни натпреварувања во светот на која учествуваа ученици од целиот свет во исклучително тешка конкуренција, а Џорлев освои бронзен медал што претставува многу голем успех. Димитар Џорлев сега се подготвува за селекционен натпревар за Европското првенство по физика на кој ќе земат учество најдобрите дваесетина ученици од државата.