Денес празник слават: Антон, Андон, Антоанета, Тони, Дончо. Донка, Дона, Доне…Тимот на Струмица Денес им посакува вечно име на оние кои денес празнуваат, а во продолжение ве запознаваме со животниот пат на светецот.
Свети Антониј Велики се родил во Египет околу 254-та година од благородни и богати родители, кои го воспитале во христијанската вера. На осумнаесет години тој останал без своите родители, сам со својата сестра, за која продолжил да се грижи.
Наскоро Антониj се откажал од наследството на родителите во полза на бедните жители на своето место, но се двоумел кому да ја остави својата сестра. Антониj ја доверил сестрата на христијански девственички кои ги познавал и ги оставил градот и домот, за да живее сам и да му служи само на Господа.
Заминувањето на преподобниот Антониј од светот не било одеднаш, туку постепено. Прво тој престојувал близу до градот, кај некој благочестив старец, кој живеел сам и се трудел во сè да го подражава него. Уште во тоа време тој толку се прославил со своите подвизи, што го нарекувале „Божји пријател”. Потоа тој решил да оди подалеку. Го повикал старецот со себе, и кога тој одбил, се испратил со него и се населил во една од далечните пештери.
Еден од неговите пријатели повремено му носел храна. На крајот свети Антониj сосема се оддалечил од населените места, ја преминал реката Нил и се населил во урнатините на воена тврдина. Тој зел со себе леб за шест месеци, а потоа го добивал од своите пријатели само двапати во годината, преку отворен покров.
Незамисливо е колку искушениjа и борби поднел овој голем подвижник. Тој страдал од глад и жед, од студ и жештина. Но, најстрашното искушение на пустиникот, по зборовите на самиот Антониј — е во срцето: тоа е копнеењето по светот и бранувањето на помислите. Кон сето тоа се присоединиле и мамките и ужасите од демоните.
Веќе дваесет години Антониj живеел во осаменост, кога некои од неговите пријатели дознале за неговото место на престој и дошле да се населат крај него. Тие долго чукале и молеле да излезе кај нив од своето доброволно затвореништво; на крајот решиле да ја скршат вратата, но Антониj отворил и излегол. Тие се зачудиле, не гледајќи на него траги од истоштеност, иако тој се подложувал себеси на најголеми лишувања.
Спокоен, воздржан, кон сите подеднакво љубезен, старецот набргу станал отец и учител на многумина. Пустината заживеала: во околните гори се појавиле населби на монасите; многу луѓе пееле, читале, постеле, се молеле, се труделе, им служеле на бедните. По три денови патување, тој нашол дива висока гора со воден извор и малку палми во долината. На таа гора тој и се населил. Овде тој обработувал мало поле, така што сега не морало никој да доаѓа кај него за да му носи леб.
Повремено ги посетувал браќата. Камила ги носела лебот и водата за да ги заштеди неговите сили за време на тие тешки патувања по пустината. Впрочем, почитувачите на свети Антониј го откриле и неговото последно сместувалиште. Многумина почнале да пристигнуваат кај него, барајќи ги неговите молитви и поуки. Доведувале кај него болни; тој се молел за нив и ги исцелувал.
Свети Антониj веќе седумдесетина години живеел во пустината. Против неговата волја, започнала да го напаѓа помислата на гордоста, дека тука тој е најстар. Антониj станал рано наутро и тргнал да го бара подвижникот кого што светот не го познавал. Поминал цел ден и не сретнал никого, освен пустински ѕверови. Пред него се распослало недогледно пространство, но тој не ја губел својата надеж. Рано наутро тој повторно тргнал.
Пред неговите очи претрчала волчица, и отишла кон некој поток. Свети Антониj се приближил кон тој поток и крај него видел пештера. При звукот од неговите чекори, вратата на пештерата цврство се затворила. Свети Антониj до пладне викал пред вратата по непознатиот подвижник и го молел да се појави. Конечно, вртата се отворила и пред него излегол длабок старец, сосема обелен. Тоа бил свети Павел Тивеjски. Тој веќе околу девеесет години живеел во пустината.
Преподобен Антониj се упокоил во длабока старост (на 106 години, во 356 година) и за своите подвизи го заслужил наименувањето: Велики.