Секторот за внатрешни работи – Струмица на 23.05.2025 година поднесе кривична пријава против едно лице од Струмица, поранешен раководител на јавно претпријатие со дејност од јавен интерес, поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ согласно член 353 ставови 2 и 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во текот на 2022 и 2023 година, пријавениот З.Г., во својство на директор на „Комуналец“ – Струмица, постапувал спротивно на законските прописи и внатрешните акти на институцијата. Во наведениот период, без да спроведе постапка за јавна набавка, тој вршел набавка на вреќи за отпад од фирма за погребни услуги од Струмица, при што во 2022 година набавката изнесувала 1.239.000 денари, а во 2023 година 1.872.660 денари, односно вкупно 3.111.660 денари.
Наместо да спроведе транспарентна постапка согласно член 40 од Законот за јавни набавки, како и да подготви и достави годишен план за јавни набавки и да донесе соодветни одлуки согласно член 34 од Статутот на претпријатието, тој не го направил тоа, со што се сомничи дека овозможил на наведената фирма да се стекне со противправна имотна корист.
Против пријавениот се преземаат натамошни дејствија согласно надлежностите на обвинителството.