Спречен шверц на 40 килограми марихуана во заедничка акција на македонската и грчката полиција

август 12, 2023

За шверцот на дрогата се осомничени двајца албански државјани, кои биле забележани од екипа на македонската гранична полиција во моментот кога ја префлиле марихуаната, спакувана во две торби, преку жичаната ограда на граничната линија меѓу двете држави

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи на земјава, станува збор за втора ваква заедничка акција на полициите на двете држави од почетокот на август

Македонската и грчката поилиција ноќеска во заедничка акција успеале да спречат шверц на 40 килограми марихуана, која преку жичаната ограда на границата меѓу двете држави ја префрлиле двајца албански државјани, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Обидот за шверц на дрогата од македонска на грчка територија, се изјаловил кога двајцата осомничени биле забележани од припадници на македонската гранична полиција од Регионалниот центар „Југ“.

Имено, како што информираат од Министерството, вчера околу 23:30 часот граничните полицајци забележале две лица кај местото викано Вршник Бара, непосредно покрај граничната линија со Грција, како од територијата на земјава исфрлиле две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминале граничната линија.

Поради сомнеж дека во торбите се пренесува марихуана, екипите од Регионалниот центар „Југ“ веднаш се коордирале со колегите од одделот за криминалистичка полиција од секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и ја известиле службата за дрога на Грција со седиште во Килкис (Кукуш) и граничната полиција на соседната земја.

„Како резултат на заедничките и координирани активности на полициските службеници од двете земји за кусо време се пронајдени двете торби во кои биле сместени околу 40 килограми марихуана“,

се наведува во соопштението на МВР.

По кратко време биле уапсени и двајцата албански државјани – В. Х. (36) и Е. Џ. (52), кои биле задржани од грчката полиција за натамошна постапка.

Инаку, како што информираат од Министерството за внатрешни работи на земјава, станува збор за втора ваква заедничка акција на полициите на двете држави од почетокот на август. Идентично како и во синоќешниот случај, и во првата акција бил спречен транспрот на 40 килограми марихуана.

Во првата акција, како што денеска соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска, бил уапсен грчки држвајнин со иницијали Ј. С., кај кого била пронајдена дрогата.

Вкупната вредност на марихуаната запленета од македонските и грчките служби се проценува на околу 200 000 евра.

„Воспоставената успешна соработка помеѓу службите за борба против дрога и граничната полиција од двете земји, што во кус интервал резултираше со овие две успешно реализирани акции за спречување на меѓународен транспорт на дрога, ќе продолжи и во иднина, со цел спречување на секаков вид на прекуграничен криминал“,

вели Прањиќ-Талевска.

Во продолжение можете да го погледнете видеото со изјавата на портпаролката на МВР:

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ