Македонија има потреба од своите луѓе, без разлика каде живееле и каде работеле, а особено од оние кои стекнале знаење и искуство во странство и се подготвени да го вложат дома, порача премиерот Христијан Мицкоски на Форумот на повратници што се одржа во Владата, нагласувајќи дека враќањето на македонските иселеници не е само лична одлука, туку значаен придонес за развојот на државата и нејзината иднина. Премиерот истакна дека државата се развива и создава нови можности за инвестиции, претприемништво и професионален напредок. Преку примерите на повратниците, беше испратена порака до дијаспората дека вратите на Македонија се отворени за сите што сакаат да бидат дел од нејзиниот напредок.
– Македонија денес е земја која се развива, дом во кој има место за сите луѓе, оние што се тука, но и оние што заминале надвор. Ни треба секој родум од Македонија, кој сака да придонесе за татковината. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Преку вашиот пример испраќаме порака за враќање до сите наши луѓе родум од Македонија кои се ширум светот, рече Мицкоски на Форумот на повратници во државата.
Тој истакна дека тие носат посебна тежина во општеството, ја знаат татковината и однатре и однадвор, дека станува збор за луѓе кои заминале не затоа што сакале да ја напуштат татковината, туку затоа што животот, времето и околностите ги натерале да бараат подобри услови, сигурност и перспектива и, како што нагласи, најважно, луѓе кои се вратиле и тука почнале нова успешна приказна.
– Вашето враќање не е симболично туку суштинско, тоа е порака дека Македонија не е заборавена, дека корените не се пресечени, дека љубовта кон домот не исчезнува без разлика на годините и далечината. Сакам јасно и искрено да кажам – ние не може да им се лутиме на оние што заминале, ги разбираме. Ја разбираме нивната мака, борба и тешки одлуки. Знаеме дека многумина заминаа бидејќи немаа избор. Но, колку и да оди човек далеку, срцето секогаш влече назад, затоа што, како што мудро вели нашиот народ – каменот тежи на своето место, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека колку и да се Македонците успешни низ светот и каде и да се, секогаш ќе бидат дојденци, а само дома се свои на своето.
– Само дома си свој, само дома твоето име, твојот труд и твојата приказна имаат длабоки корени и трајна вредност. Вие што денеска сте тука, сте жив доказ за тоа. Покажавте дека знаењето и искуството стекнато надвор не се губат кога ќе се вратите туку добиваат смисла, стануваат темел за нови бизниси, нови работни места, идеи и нова енергија во нашата економија. Земјата денес не е земја што стои во место. Македонија се менува и се развива. Економијата расте, се инвестира во индустријата, енергетиката, во инфраструктурата. Се градат патишта, фабрики, капацитети кои носат додадена вредност. Се отвора простор за претприемништво, за иновации за млади, за оние што сакаат да вложат и да создаваат дом, истакна македонскиот премиер.
Тој рече дека како Влада, обврска им е да создадат услови, да обезбедат стабилност, правна сигурност, поддршка за инвестиции и јасна насока за развој.
– Но, ниту една стратегија, ниту еден план не може да успее без луѓе. Држава не се гради само со институции туку со умови, со знаење, со искуство, со храброст да се преземе одговорност. Затоа гласно порачуваме дека ни треба секој Македонец кој сака да придонесе за татковината. Ни треба секој што научил нешто надвор и е подготвен тоа да го вложи дома. Ни треба секој што верува дека оваа земја може и мора да биде подобро место за живеење. Преку вашиот пример денеска испраќаме порака за враќање до сите наши луѓе родум од Македонија кои се ширум светот. Ве разбираме, ве почитуваме и вратите ви се широко отворени, рече тој.
Мицкоски истакна дека не ветуваат лесен пат, туку смисла и можност да се биде дел од нешто поголемо.
– Нудиме шанса трудот да не биде само личен успех, туку придонес за заедницата и идните генерации. Домот не е совршен, тој се гради, поправа и унапредува. А нашата заедничка Македонија е токму тоа, дом што се гради и во кој има место за сите свои луѓе. Вие сте доказ дека може, вие сте пример дека враќањето е сила и вие сте гласот што најдобро може да им каже на другите дека каменот кога ќе се врати на своето место тежи најмногу, потенцира премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека годинава има најмалку баратели за отпис од македонско државјавнство и најмногу баратели за поврат на македонско државјанство во изминтите 25 години, податоци, кои, како што рече, се официјални од МВР и особено го радуваат.


























