strumica denes logo

ИНТЕРВЈУ СО ТРЕНЕРОТ ВО „ШИХАН“ АТАНАС ВАСИЛЕВ: СТРУМИЦА ИМА КВАЛИТЕТНИ НАТПРЕВАРУВАЧИ ВО КАРАТЕ!

Автор:

Датум:

ноември 20, 2023

Автор:

Датум:

ноември 20, 2023

Карате клубот „Шинан” од Струмица е еден од најквалитетните клубови за карате во Македонија. Нивната мисија е да ги развиваат и усовршуваат вештините на нивните членови, преку посветена обука и индивидуален пристап. На наше огромно задоволство, интервју со Атанас Василев, тренер во карате клубот „Шихан“.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Од кога постои карате клубот Шихан?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Карате клубот „Шихан“ е формиран во 1994 година.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Kои се најголемите предизвици со кои се соочува клубот?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Најголемите предизвици за нашиот клуб се од финансиска природа. Има многу важни натпреварувања на кои, поради немање доволно средства, понекогаш не можеме да одиме. На пример, таков беше случајот со Европското првенство во Порто во Португалија, каде требаше да замине наша шестчлена екипа.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како ги мотивирате своите ученици да го посветат времето и трудот во тренинзите?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Ние како тренери во клубот, децата ги мотивираме на тој начин што им ја откриваме и покажуваме вредноста на каратето како спорт и како вештина. Нешто што од нив ќе изгради зрели личности, со свој поглед на светот. Во редот на мотивациите тука, секако, се и полагањата за нови степени односно појаси. Преминувањето од едно во друго, повисоко скалило во каратето, преку полагањето пред комисија, за најмладите, секогаш е многу мотивирачко.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Најголемите успеси на карате клубот Шихан?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Карате клубот „Шихан“ има постигнато повеќе успеси на балканските, европските и светските натпреварувања. Имаме освоено 4 златни и 5 бронзени медали на Светските шампионати. Во 2018, 2019 и 2020 година нашиот карате клуб е избран за најдобар клуб во Македонија, а Атанас Василев за најдобар тренер.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Како се подготвувате за национални и меѓународни карате натпревари со вашите ученици?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Нашите подготовки за натпреварите се, разбирливо, првенствено преку редовните тренинзи, и тоа пет тренинга во текот на една седмица.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Кои се ваши филозофии и пристапи во тренирањето на почетници во карате?

AТАНАС ВАСИЛЕВ: Нашиот пристап кон децата-почетници кои доаѓаат кај нас да тренираат, или нашата филозофија како што велите, е, освен како средство за самоодбрана, да го разберат каратето и како духовна вештина. Каратето во детските години има многу поволности за каратистите, првенствено здравствени. Впрочем, колкава е важноста на каратето, зборува и фактот што тоа постои како предмет на некои факултети.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: За кое следно големо натпреварување се подготвувате во моментот?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Во моментот се подготвуваме за Светскиот шампионат кој ќе се одржи во Белград од 23 до 26 ноември 2023 година.

СТРУМИЦА ДЕНЕС: Вашите планови и амбиции за иднината во однос на развојот на карате клубот „Шихан”?

АТАНАС ВАСИЛЕВ: Нашите планови и амбиции како карате клуб за во иднината сесо повеќе вложен труд, да создадеме повеќе квалитетни млади каратисти, бидејќи Струмица има квалитетни карате натпреварувачи. Потоа да учествуваме на повеќе балкански, европски и светски шампионати. Нашата главна цел е да ги изведеме децата на вистинскиот пат, да им ја покажеме убавината на каратето, кое од нив ќе направи изградени личности.