bandr
Настан

ОДБЕЛЕЖАН 50 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ НА ГРАДИНКАТА „ДЕТСКА РАДОСТ“ ВО СТРУМИЦА!

 

Со богата и свечена програма, во центарот за култура „Антон Панов“ беше одбележан 50-годишниот јубилеј на градинката „Детска радост“ во Струмица. Јубилејот на дечињата и вработените во градинката им го честиташе градоначалникот, Коста Јаневски.

-Овој 50 -годишен јубилеј значи 50 години – благородна работа, 50 години – посветеност на децата и 50 години – љубов кон најмалите и најмилите наши сограѓани. Полувековното постоење на Јавната општинска установа за деца – Детска градинка „Детска радост“ од Струмица е нешто што заслужува должно внимание и почит, нешто што сите треба да не прави задоволни и горди. Низ оваа предучилишна организација со комбинирани дејности, која опфаќа јасли, градинки и воспитни групи со полудневен престој – подготвителна група, во овие изминати пет децении, поминале генерации и генерации струмички деца кои денес се почитувани граѓани на различна возраст. Меѓу нив се и многу познати и признати луѓе во разни области со кои сите ние се гордееме. Секако, на одбележувањето на овој голем и значаен јубилеј заслужуваат да бидат спомнати и генерациите воспитувачки, негувателки, како и раководниот и стручен кадар кои исто така поминале низ оваа установа. Овој јубилеј подеднакво им припаѓа на сите кои биле дел од таа 50 – годишна историја и ги испишале страниците на истата.

Но, дури го славиме овој јубилеј мораме да размислуваме и на понатамошниот развој на „Детска радост“, почнувајќи од остварувањето на згрижувачката и воспитно – образовната работа, преку превентивната здравствена заштита, па се до исхраната на децата, но и да размислуваме за зголемување на капацитетот на установата. Во тој контекст, неопходни се стремежите и заложбите за постојано осовременување на условите и методите на работа, како и континуирано следење на современите текови и стандарди на работа во оваа дејност. Во оваа прилика вреди да се спомене дека во „Детска радост“ успешно опстојуваат пет клона кои згрижуваат околу илјада деца, но таа бројка ќе стане и поголема, имајќи го во предвид ангажманот на Општина Струмица за ставање во функција и на градинките во Куклиш и Муртино. Нашата работа е веќе завршена, а овие две градинки веќе од септември ќе ги примат и првите дечиња од овие населени места. Паралелно со тоа, течат активностите на проектирање на уште една градинка, која ќе се наоѓа во струмичката касарна, а за потребата на дечињата од новата населба која гравитира во нејзина близина. Се на се, максималните напори што ги вложуваме, одат во насока на перманентен прогрес во оваа дејност. Така и треба да биде, затоа што дечињата и нивните родители тоа го заслужуваат, рече градоначалникот Јаневски.