Најврвните светски готвачи повторно се собираат во Струмица!

октомври 6, 2018

 

Од идниот понеделник, па сè до петок, врвните светски готвачи повторно ќе се сретнат во Македонија. Поводот е стартот на Третиот Меѓународен Гастрономски Натпревар – ГастроМак Македонија 2018, којшто се одржува од 08 до 12 октормври во Струмица, а традиционален домаќин повторно ќе биде Хотелот Вила Парк.

Овој годишен светски собир на кулинарските мајстори и натпреварувачи, којшто ќе се случува по трет пат, е во организација на ГастроМак – Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија, а под покровителство на WACS – World Association of Chefs Societies (Светската организација на шефови на кујни), со седиште во Париз, Франција. Општината Струмица и Хотелот Вила Парк се традиционални организациски и логистички поддржувачи на едно од најголемите годишни гастрономски случувања во регионот и пошироко.

“Настанот е целосно од отворен карактер. Сите се поканети и добредојдени да вкусат Залче од светките вкусови! Со несебичната поддршка од WACS, годинешното натпреварување е со предзнак – Континентално, што дефинитивно значи етаблирање на ГастроМак и градот домаќин – Струмица, за ѕвезди на светската гастрономска мапа. Најавуваме петдневен настан за паметење.”, изјави Адријана Алачки, Претседател на ГастроМак асоцијацијата.

На ГастроМак Македонија 2018, најавено е присуство на околу петстотини судии, мастерклас предавачи, натпреварувачи, специјални гости, од над триесетина земји од целиот свет. Овие пет денови, Македонија и Струмица повторно ќе бидат во центарот на глобалните гастрономските случувања, со гости од три континенти.

Натпреварувачките денови се 9, 10 и 11 октомври (вторник, среда и четврток), ќе се одвиваат во посебно подготвениот простор во Централната сала на Хотелот Вила Парк, на првиот кат. Со оглед на тоа што настанот е целосно од отворен карактер и сите заинтересирни ќе можат одблиску да ги видат на дело светските гастрономски експерти, но и да пробаат од подготвените јадења.

Линк од најавното видео https://www.youtube.com/watch?v=CEmLrQOP42s&feature=youtu.be

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: