strumica denes logo

ВО СПОМЕН НА ЃОРГИ ГОРГИЕВ, ПОДЕЛЕН ТОПОЛ ОБРОК ЗА СОЦИЈАЛНО ЗАГРОЗЕНИТЕ!

Автор:

Датум:

март 8, 2026

Автор:

Датум:

март 8, 2026

Денешниот оброк во рамки на хуманитарната акција „Топол оброк за сите“ беше посветен на струмичанецот Ѓорги Горгиев, тапанарот на музичката група ДНК, по повод годишниот помен од трагедијата во Кочани, во која тој го загуби животот, обидувајќи се да помогне и да спаси што повеќе луѓе за време на концертот на бендот.

Со овој скромен, но длабоко хуман чин, беше оддадена почит на Ѓорги Горгиев – млад човек кој остави силна и неизбришлива трага меѓу своите пријатели, сограѓани и сите што имаа можност да го познаваат. Тој беше препознаен како човек со големо срце, секогаш подготвен да помогне таму каде што е најпотребно.

Воедно, Горгиев бил и дел од големото хуманитарно семејство „Елеуса“, каде со својата несебичност и посветеност придонесувал во помошта на оние на кои им е најнеопходна поддршка.

Од организаторите порачаа дека добрината што Ѓорги ја оставил зад себе треба да продолжи да живее преку делата на сите луѓе, а упатија и благодарност до семејството кое не заборава на оние на кои им е потребна помош.

„…зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте; странец бев и Ме прибравте; гол бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене“, стои во стиховите од Евангелието според Матеј (25, 35-36), со кои беше заокружена оваа хумана посвета.

Вечнаја памјат!