strumica denes logo

ВО МАКЕДОНИЈА ИМАЛО И ШПИОНИ: САД санкционираше македонска компанија поради безбедносен ризик – имала улога во креирање шпионски софтвер!

Автор:

Датум:

март 6, 2024

Автор:

Датум:

март 6, 2024

Компанијата „Сајтрокс“ (Cytrox AD) со седиште во Македонија, заедно со уште четири други фирми и две физички лица е ставена под санкции од страна на Одделот за контрола на странски средства при Министерството за финансии на Соединетите Држави, поради улога во развојот на шпионскиот софтвер „Предатор“.

Покрај „Сајтрокс“, под санкции се ставени и грчката компанија „Интелекса С. А“, компаниите „Интелекса Лимитед“ и „Талестрис Лимитед“ од Ирска и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“, пренесува Радио Слободна Европа.

Сите компании, според Министерството за финансии на САД, биле поврзани со конзорциумот „Интелекса“ во поглед на развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијална технологија за шпионски софтвер што се користи за таргетирање Американци, вклучително владини службеници, експерти за политики и новинари.

„Распространетоста и злоупотребата на комерцијален шпионски софтвер претставуваат зголемени безбедносни ризици за САД. Странските актери злоупотребиле таков шпионски софтвер за да овозможат кршење на човековите права и да ги таргетираат дисидентите на глобално ниво за репресија и одмазда“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

„Сајтрокс“ АД беше додадена на списокот на ентитети на Одделот за трговија на 18 јули 2023 година, за трговија со сајберексплоатации, што се користат за да се добие пристап до информациски системи, загрозувајќи ја приватноста и безбедноста на поединци и организации ширум светот.