Студентите се приклучуваат на средношколскиот протест

март 16, 2023

Во петок од 12.30 часот пред Министерството за образование и наука (МОН), Студентски отпор се приклучува на масовниот протест на студентите и средношколците.

„Крајно време е студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите.

Ништо од она што беше ветувано од страна на МОН и Владата не е остварено, односно имаме:

– Нетранспарентно договарање на цената за субвенциониран студентски оброк од 140 денари кога сите знаеме колкава е инфлацијата и дека таа сума е деградирачка;
– Континуирано доцнење на исплатата на студентскиот оброк;
– Неодговарање на апликациите за студентски оброк;
– Доцнење на исплата на стипендиите на студентите;
– Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани кровови;
– Неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови;
– Труење со храна и мизерен оброк во студентските домови;
– Континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе.

‼️ Доста е од деградирање на студентите и оставање на работ на маргините!

‼️ Масовно ќе се приклучиме на протестот заедно со средношколците и подготвени сме правдата да ја бараме со искажување на нашиот став и глас преку масовни студентски демонстрации.

Нема да запреме додека се од горенаведеното не биде исполнето!“, велат студентите.

Вчера од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците ги поканија студентите да им се придружат на протестот во петок со цел заеднички да дојдат до подобрување на условите во образовниот систем.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ