strumica denes logo

СТРУМИЦА ВЛЕЗЕ ВО КУЌАТА НА СЛАВНИТЕ: ЗОРАН СПАСОВ ОРГАНИЗИРАШЕ „HALL OF FAME“, ПРВ НАСТАН ОД ОВОЈ ТИП ВО МАКЕДОНИЈА!

Автор:

Датум:

март 24, 2026

Автор:

Датум:

март 24, 2026

За прв пат во Македонија, токму во Струмица, се одржа престижниот меѓународен настан „Hall of Fame“ посветен на боречките вештини.

Организатор на настанот беше струмичанецот Зоран Спасов, кој воедно е и единствениот претставник од Македонија што е дел од оваа „Куќа на славните“, што претставува предуслов за организација на ваков тип на настани.

Настанот беше поделен во два дела. Во текот на денот се одржа семинар на кој учесниците – врвни мајстори од различни земји, имаа можност да презентираат дел од својата школа, техники и пристапи во боречките вештини. Вечерта следуваше свечена гала вечер, на која беа доделени признанија и награди на истакнати поединци од оваа област.

Со цел да се доближи македонската култура до присутните гости, Спасов организираше и настап на фолклорна група, која претстави дел од традицијата и богатото културно наследство на Македонија пред меѓународните учесници.

На настанот присуствуваа мајстори од повеќе земји, меѓу кои Полска, Чешка, Португалија, Германија, Норвешка, Филипините и Србија, што дополнително ја потврдува неговата меѓународна димензија.

„Hall of Fame“ за боречки вештини претставува престижен глобален концепт во рамки на кој се оддава признание на мајстори, тренери, натпреварувачи и личности кои оставиле значаен белег во оваа област. Овие настани вообичаено опфаќаат доделување награди, семинари и тренинзи со врвни инструктори, демонстрации на различни дисциплини, како и можности за вмрежување и размена на искуства.

Преку ваквите собири се промовираат и основните вредности на боречките вештини – дисциплина, почит, чест и посветеност, а нивното одржување во Струмица претставува значаен чекор во афирмацијата на градот на меѓународната спортска сцена.