Во Струмица на 4 јуни започнува првото издание на JAZZ STReam Festival – нов културен настан кој има за цел да ја збогати музичката сцена и да внесе свежа џез енергија во градот. Фестивалот претставува спој на традицијата и современите џез текови, продолжувајќи ја урбаната музичка приказна која се гради со децении.
Организаторите посочуваат дека фестивалот симболично се надоврзува на богатото џез наследство во Македонија, кое започнува уште во 1967 година со формирањето на првиот диксиленд џез оркестар, еден од првите ваков вид и на просторот на поранешна Југославија. Со JAZZ STReam Festival, оваа традиција добива ново, современо продолжение исполнето со креативност и импровизација.
Свеченото отворање ќе се одржи на 4 јуни (четврток) со почеток во 20:00 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“, каде љубителите на џез музиката ќе имаат можност да уживаат во концерт на Националниот џез оркестар.
Со ова, Струмица се позиционира како нова дестинација на џез мапата, отворајќи простор за квалитетна музика, културна размена и нови уметнички доживувања.





















