strumica denes logo

СЛУЧАЈ НА БУЛЕВАР „МАРШАЛ ТИТО“ ВО СТРУМИЦА: ЗЕМЈОДЕЛЕЦ ОД КУКЛИШ ИЗГУБИ 200.000 ДЕНАРИ – ПАРИТЕ СЕ ЛОЦИРАНИ И ВРАТЕНИ ПО БРЗАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА НА ПОЛИЦИЈАТА!

Автор:

Датум:

декември 22, 2025

Автор:

Датум:

декември 22, 2025

Денеска, порталот Струмица Денес беше контактиран од лицето С.Ш. од село Куклиш, кое побара преку нашиот медиум јавно да изрази благодарност до струмичката полиција, како и до продавниците и дуќаните околу Булеварот „Маршал Тито“ во Струмица, за брзата реакција и соработката во еден, како што вели, „најстресните моменти“ што ги доживеал.

Според информациите дадени од СВР-Струмица, на 11.12.2025 година околу 13:30 часот, лицето С.Т. (жител на Куклиш, роден 1975 година) пријавило дека претходно, околу 12:00 часот, откако подигнало 200.000 денари од АД „Стопанска Банка – Битола“ на булевар „Маршал Тито“ во Струмица, се упатило пеш кон своето возило, паркирано во близина на „Рамстор“, на улицата „Гоце Делчев“. Во тој период, како што било пријавено, парите му паднале од џеб и ги изгубил додека се движел по наведената релација.

По пријавата, од Полициската станица – ОН Струмица, во содејство со ОКП Струмица, веднаш биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на паричните средства. Во краток рок, било лоцирано лице кое ги пронашло парите на улица, но наместо да ги пријави во полиција, ги задржало за себе.

Постапувајќи согласно законските процедури, полицијата ги одзела паричните средства од пронаоѓачот и му ги вратила на сопственикот. Воедно, според информациите, со тоа што пронаоѓачот ги задржал парите без да ги пријави, се стекнале основи за постапување за кривично дело „затајување“, по член 239 став 5 од Кривичниот законик на РМ.

„Најважно е што парите се вратија. Благодарен сум за човечкиот пристап и брзината на полицијата, а благодарност и до продавниците околу булеварот кои помогнаа со тоа што соработуваа и се вклучија кога беше најпотребно“, порачува С.Ш. за Струмица Денес, додавајќи дека оваа ситуација му била голема лекција, колку значи навремено пријавување и институционална реакција кога секоја минута е важна.