Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва на прес-конференција по повод вториот круг од локалните избори 2025 година истакна дека резултатите ја покажуваат силната волја на граѓаните за промени и обединување, а како посебно значајна ја издвои победата во Кичево.
„Морам да признам една посебно силна порака која доаѓа оваа вечер, а таа е од нашето Кичево. Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против недомаќинското работење. Покажавме што можеме кога сме обединети,“ рече Мицкоски.
Тој нагласи дека токму оваа победа е доказ дека обединувањето околу вредностите и заедничките цели е можно, без разлика на политичката или верската припадност.
„Во Кичево соработувавме луѓе од различни вери и припадности против оние кои го влечеа градот надолу. Ова ја отвора вратата дека можеме да се обединиме – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите – околу политиките што им се потребни на граѓаните. Победи идејата дека Македонија е дом за сите,“ изјави Мицкоски.
Тој додаде дека победата во Кичево е симболична и испраќа порака за една пообединета и посилна Македонија.























