Радовската коњаница ги започна подготовките за традиционалниот илинденски марш кон Крушево, кој и оваа година ќе биде реализиран во чест на големиот македонски празник Илинден.
На 26 јули, 15 јавачи од Радово ќе го започнат своето повеќедневно патување кон славното Крушево, каде на 2 август ќе пристигнат за да им оддадат почит на илинденците и на историското значење на Македонската Република од 1903 година.
Подготовките се во тек, а членовите на коњаницата интензивно работат на организациските и логистичките активности со цел и оваа година достоинствено да ја продолжат традицијата која со години го привлекува вниманието на јавноста.
Патувањето на Радовската коњаница претставува симбол на патриотизмот, истрајноста и почитта кон македонската историја, а нивниот марш секоја година буди голем интерес кај граѓаните.
Од самото тргнување од Радово на 26 јули, па сè до пристигнувањето во Крушево на 2 август, случувањата од патот ќе бидат проследувани од порталот „Струмица Денес“, кој ќе известува за секојдневните активности, предизвици и моменти од ова значајно патување.




















